Македонија

Во Кочани одржан 33. Марш за ангелите

Во Кочани одржан 33. Марш за ангелите

Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 33. Марш за ангелите директно му се обратија на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција барајќи одговор зошто е пробиен рокот за поднесување на обвинение за полициските службеници опфатени со истрагата за трагичниот пожар.

Според нив, согласно начелата на владеење на правото, законитост и еднаквост на сите граѓани пред законот, покажале трпение и одговорност и во период од три плус три месеци не побарале информација за текот и статусот на обвинителниот акт.

-Рокот што беше јавно и институционално најавен, со краен датум до 12.12.2025, е пробиен, без доставено образложение, без официјално известување и без преземање видливи процесни дејствија, рече пред кочанските Суд и Обвинителство, Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.

Родителите и нивните семејства сметаат дека отсуството на навремена реакција и транспарентност директно ја нарушува правната сигурност, ја поткопува довербата во институциите и остава впечаток дека постои институционална толеранција кон евентуални незаконски дејствија извршени од службени лица.

-Бараме јасен одговор за статусот на обвинителниот акт, причините за пробивање на рокот утврден до 12.12.2025 и мерките што се преземени или ќе се преземат во однос на осомничените службеници на МВР. Нашето трпение не е неограничено. Во отсуство на итен и јасен одговор, ќе бидеме принудени да ги искористиме сите законски и јавни механизми за заштита на правдата и јавниот интерес. Молкот и одолговлекувањето повеќе не се прифатливи, нагласи на крајот од своето обраќање, Розета Блажева.

Денешниот протестен марш на родителите, 33 –ти по ред, се одвиваше по истата маршрута: „Парк на Револуцијата“, Трговски центар, зграда на УЈП, Полициска станица, Основен суд и Обвинителство. Маршот повторно заврши во „Паркот на Револуцијата“.

Најнови вести од Македонија

To top