ВМРО-ДПМНЕ утревечер по седницата на Извршниот комитет ќе ги соопшти имињата на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика и на дополнителните заменици министри за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство кои ќе бидат дел од техничката влада, потврдија за МИА вечерва од опозициската партија.
Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да започне околу 20:30 часот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше овластен од Централниот комитет на партијата во консултација со Извршниот комитет и други истакнати членови на партијата, но и со пошироки општествени чинители, да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада.
Техничката влада треба да биде избрана сто дена пред парламентарните избори што се договорени за 8 мај односно на 28 јануари. На 24 април ќе се одржат претседателските избори.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека в четврток ќе поднесе оставка, а претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе биде технички премиер, утре ќе ги објави датумите за неговата оставка и за изборот на техничката влада. На негово место ќе дојде Јован Митрески од СДСМ.