ВМРО-ДПМНЕ ја информира јавноста дека ставовите изнесени од Илија Димовски на неговите лични профили на социјалните мрежи се исклучиво негови лични размислувања и не ги одразуваат ставовите, политиките или официјалните позиции на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во врска со природата на Бадниковите поворки, велат од партијата за Курир.мк.
„ВМРО-ДПМНЕ со почит се однесува кон сите облици на духовно, културно и општествено изразување што придонесуваат за заедништво, солидарност и меѓусебна почит меѓу граѓаните. Поддршката на настани поврзани со одбележување на верски и културни празници, вклучително и Бадник, е мотивирана исклучиво од желбата за негување на културното наследство, семејните вредности и општествената кохезија.
Присуството и поддршката на градоначалници, носители на јавни функции, како и на шефот на државата Гордана Силјановска-Давкова, претставуваат израз на институционална почит кон граѓаните и нивните празнични обичаи, а не политичка или идеолошка порака. Ваквите настани се доживуваат како можност за обединување, а не за поделба.
ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе ги поддржува сите иницијативи кои во достоинствен дух ја афирмираат традицијата, културата и вредностите што ги поврзуваат граѓаните, со цел градење општество засновано на заемна почит, толеранција и заедништво,“ се вели во соопшението на владејачката партија.
Димовски претходно напиша:„Неговото Блаженство г.г. Стефан ги даруваше децата со архипастирски благослов и пригодни подароци, пренесувајќи ја пораката за верата, љубовта и духовната радост – вредности што Бадниковите поворки наводно ги негуваат и пренесуваат веќе 16 години, иако ретки се тие во Македонија што паметат дека имало вакви поворки претходно.
Официјалниот наратив е дека веќе 16-та година по ред, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во земјава и пошироко, поради што манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје“, се вели во дел од неговиот статус на социјалните мрежи каде Димовски на глаголица им го честиташе Божиќ на граѓаните.