По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија, се вели во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет. Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро. А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ. Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело. Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава. Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина. Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре. Нека е честит празникот! Нека е вечно делото на Св. Климент Охридски!