Македонија

Владата носи промени, успешни први 100 дена

Владата носи промени, успешни први 100 дена

Поминаа 100 дена од формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, која го постави темелот за промени и нов курс во Република Македонија. Владата брзо презеде активности во повеќе сектори, поставувајќи акцент на економскиот развој, зголемување на транспарентноста и враќање на довербата на граѓаните во институциите.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ветија многу за време на предизборната кампања, и веќе во првите 100 дена можеме да видиме првични резултати од нивната работа. Владата фокусирано започна со решавање на клучните економски и социјални предизвици, при што е забележителен раст на инвестициите и подобрување на условите за водење бизнис.

„Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Подготвуваме и екипиравме институции, договараме инвестиции кои се значајни за нашата економија и кои ќе отворат многу нови работни места, и работевме и подготвуваме стотици нови проекти“, кажа Мицкоски на прес-конференцијата посветена на 100 дена Влада.

Се најавуваат и нови иницијативи за поттикнување на младите претприемачи и реформи во образованието, со цел да се намали одливот на млади од државата.

Мицкоски посочи дека ќе се работи на унапредување на условите во сите области укажувајќи се што е направено и што се е на агендата за претстојниот период.

-Не ги забораваме ни земјоделците, ниту работниците, ниту наставниците и професорите, ниту лекарите. Обезбедивме за првпат бесплатни учебници за сите на време после долго време. За пасоши и лични документи нема редици, покачивме пензии, исплативме долгови и заостанати плати. Секој ден се обидуваме да покажеме дека делуваме, дека сме присутни со активности, но и да донесеме по некоја нова мерка и се обидуваме да се подобриме, да покажеме дека може поинаку и може подобро.

Она што особено се истакнува во првите 100 дена е зголемената транспарентност и отчетност на владата. За разлика од претходните влади, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ се одликува со отворена комуникација кон јавноста и медиумите.

Овој пристап значително ја подобри перцепцијата за владата кај граѓаните, кои сега имаат пристап до навремени и точни информации за сите владини активности.

Иако е рано да се донесуваат конечни заклучоци, анализите покажуваат дека новата влада има позитивен почеток. Граѓаните се надеваат дека промените кои се започнати ќе продолжат и во наредниот период, и дека Република Македонија ќе стане држава со стабилен економски развој, функционални институции и владеење на правото.

Владата, предводена од Мицкоски, ги постави основите за ново, поуспешно поглавје за Македонија.

Најнови вести од Македонија

To top