Нови 22 случаи на голема кашлица се пријавени во државава од 26 април до 2 мај. Најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 15, па во рамките на епидемијата во Куманово – два, а пријавени се случаи и во Прилеп – два, Кичево – еден и првите два случаја од Крушево. Од новите 22 случаи, четири се хоспитализирани, наведуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај, објавен попладнево.
Заклучно со 2 мај, во државава се регистрирани вкупно 538 случаи на голема кашлица. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – од 2019 до 2023 година, кога биле регистрирани вкупно 10 случаи.
Од заболените, хоспитализирани биле 77 лица, од кои 63 на возраст до четири години. Најголем број од случаите – 53 или 68,8 отсто, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број на хоспитализирани лица, 70 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена.
Од 18 јануари до 30 април, дадени се вкупно 44.737 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.
Во текот на 18. недела од 2024 година – од 29 април до 5 мај, во земјава се евидентирани 52 случаи на групни пријави за заболени од грип или заболувања слични на грипот. Заклучно со 18. недела во Република Северна Македонија, вакцинирани се вкупно 61.826 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.