Комисијата за образование, наука и спорт одржа работна средба со министерката за образование и наука, Весна Јаневска; државната секретарка во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска; координаторката Ивана Батиниќ-Поповска и
експертите кои ја изработија националната стратегија за образование 2026 – 2032 и Акцискиот план 2026 – 2032.
Претседателката на Комисијата, Иванка Василевска, истакна дека оваа средба е важна за добивање појасна слика за националната стратегија за образование 2026 – 2032 и можност за размена на мислења за овој стратешки документ, во насока на подобрување на текстот. Да се направат суштински реформи во интерес на идните генерации – порача Василевска.
Министерката Јаневска истакна дека поквалитетното образование треба да биде заедничка цел и приоритет. Во оваа насока, како клучно го наведе промовирањето на вредностите на знаењето и компетентноста на наставниците.
Координаторката за оваа стратегија, Ивана Батиниќ-Поповска, ја презентираше националната стратегија за образование 2026 – 2032, нагласувајќи ја важноста на суштинските реформи во интерес на идните генерации. Во изработената стратегија се наведуваат приоритетни области, резиме на политиките, општи, посебни цели и мерки во секоја од приоритетни области.
Во приоритетната област 1 – Предучилишно воспитание и образование, посебни цели се: зголемен опфат на деца во предучилишното воспитание и образование; подобрен процесен квалитет во предучилишното воспитание и образование и зајакнати професионални компетенции на воспитно-образовниот кадар; функционален систем за мерење и управување со квалитетот на работа во предучилишните установи.
Приоритетната област 2 – Основно образование, за посебни цели ги има: подобрени инфраструктурни, организациски и кадровски услови за квалитетно и инклузивно учење; унапреден квалитет на наставната пракса; подобрени капацитети и програми за поддршка на добросостојбата и учеството на учениците.
Како посебни цели во приоритетната област 3: Гимназиско образование и уметничко образование се наведени: воспоставена современа, инклузивна и квалитетна рамка за гимназиско и уметничко образование преку нови концепции, наставни и испитни
програми и подобрени инфраструктурни и дигитални услови за учење; унапреден квалитет на наставната пракса и воспитно образовниот процес за постигнување повисоки ученички резултати и развој на клучни компетенции; подобрена добросостојба, социјална инклузија, активно учество и кариерен развој на учениците.
Во приоритетната област 4: Стручно образование и обука, трите посебни цели се: зголемување на релевантноста и приспособливоста на СОО кон пазарот на труд; воспоставување одржливи партнерства меѓу стручните училишта, индустријата, високото образование и истражувачките институции; развиени глобално релевантни стручни компетенции и меѓународна усогласеност. Како 5. приоритетна област – Постсредното образование, издвојува две посебни цели: операционализација на системот на кратки стручни студии на ниво V, подниво VА; операционализација на системот на постсредно образование на ниво на V, подниво VБ.
Шестата приоритетна област – Образование за возрасни, ги опфаќа посебните цели: Зголемен пристап до образование за возрасни; Зајакнати иновативни, дигитални и зелени вештини; Образование за возрасни прилагодено кон националната рамка на квалификации и интегрирано со европската рамка за квалификации. Во последната 7. приоритетна област – Високо образование, наука и иновации, како посебни цели се издвојуваат: подобрен опфат и проодност во високото образование, со фокус на поголема правичност и инклузивност; унапреден квалитет и релевантност на високото образование за пазарот на труд; подобрена инфраструктура, човечки капацитети и одржливо финансирање на високото образование; подобрени услови за научно-истражувачка работа и иновации и нивен трансфер во економијата и општеството.
Присутните на работната средба беа сложни со визијата на стратегијата – обезбедување квалитетно и инклузивно образование, достапно за сите, коешто нуди еднакви можности и ресурси за учење и развој.
Системот на воспитание, образование и доживотно учење е базиран на иновативност, ги негува потенцијалите, талентот и извонредноста, поддржува демократска култура, суштинска партиципација, истражување и наука. Образованието гради здрави, одговорни, компетентни и емпатични граѓани, коишто се оспособени да си обезбедат благосостојба и квалитетно живеење, и да се грижат за заедницата. Образовниот кадар е стручен, посветен и мотивиран и континуирано заедно со учениците, родителите, и заедницата, создаваат среќно и безбедно опкружување за учење.