Во спомен на младата Фросина Кулакова денеска е објавена баладата „Фросина“.
-Песната е емотивен подарок од авторите Александар Митевски и Огнен Неделковски за семејството Кулакови и Фондацијата “Фросина Кулакова”. Напишана и родена во една доцна ноќ и во еден здив како демо снимка со текстот на Огнен и музиката и гласот на Александар. “Фросина” нека биде спомен, парче светлина, капка утеха, поука за нацијата и лек за душата, стои во објавата на Фејсбук страната на Дац и Александар.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков со тешка емотивна објава на социјалните мрежи за годишнината од загубата на своето чедо.
-Денес е една година откако Фросина не се врати дома. Болката не помина, посилна е… Ангел на земјата… Ангел небесен…🙏💔🙏 Фросина. 🤍… По еден благ збор, молитва за душата нејзина…, напиша Тодор.
Вечерва, ќе се одржи донаторската вечер „Threads of Light“, со која официјално ќе биде одбележан почетокот на работата на новоформираната Фондација „Фросина Кулакова“. Настанот ќе ги обедини уметноста, музиката и граѓанската свест во една заедничка порака за одговорност, грижа и потреба од подлабока општествена промена.
Фондацијата е основана од семејството на трагично починатата Фросина, со цел да создаде долгорочна платформа за подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот, за развој на кампањи за општествена одговорност и за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии.
Во рамки на вечерта ќе бидат изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци, а средствата собрани од настанот ќе бидат наменети за поддршка на семејствата погодени од сообраќајни несреќи, активности за унапредување на безбедноста и поддршка на млади уметници.
Организаторите истакнуваат дека донаторската вечер претставува прв чекор во реализацијата на мисијата на Фондацијата – да ја претвори тишината по трагедиите во глас за промена и во повик за колективна одговорност.
Фросина Кулакова беше млада македонска дизајнерка која трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 29 јануари, откако Васил Јованов, под дејство на алкохол, без возачка дозвола и поминувајќи на црвено светло, ја прегази на пешачки премин на булевар „Партизански одреди“ во Скопје.
Јованов беше осуден на 13 години затвор за сообраќајната несреќа во која загина Кулакова.