Министерот за одбрана на Република Македонија, Владо Мисајловски вчера беше во посета на Касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
Мисајловски ги посети припадниците на Првата пешадиска бригада, како и на Воздухопловниот ВИНГ.
-“ЧЕСТ И СИЛА” – Прва пешадиска Бригада – ударната тупаница на Армијата!
За време на посетата разговаравме за активностите кои се реализираат преку овие команди и беше презентиран дел од опремата и возилата со кои располага Првата пешадиска бригада.
Упатив искрена благодарност до припадниците од Армијата кои изминативе денови беа вклучени во гаснењето на пожарите од земја и од воздух и порачав дека ќе вложам максимален напор секој војник, подофицер и офицер да биде опремен како што доликува на НАТО Армија, пишува на социјалната мрежа на Фејсбук министерот Мисајловски.
Во работна посета на командата на Воздухопловниот ВИНГ во Касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец беше денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со заменик началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и началникот на штаб на Командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски.
За време на посетата оствари средба со командантот на Командата на Воздухопловниот ВИНГ, полковникот Игорчо Стоименовски и со останатите командири на единиците во состав, на која беше брифиран за состојбите и оперативните можности и капацитети на оваа Команда.
Мисајловски се заблагодари на пилотите и целиот персонал на оваа команда за придонесот при гаснењето на пожарите во нашата држава и им порача дека активно ќе работи заедно со сите чинители од оваа команда и со Генералштабот да се надминат предизвиците со кои се соочува оваа клучна единица на Армијата.