Покрај функционирањето како образовни установи за задолжително средно образование, сите седум регионални центри за стручно образование и обука од денеска може и да ги валидираат знаењата и вештините на повозрасната популација стекнати преку неформално и искуствено учење, соопшти Министерството за образование и наука.
МОН информира дека 19 советници за неформално образование и искуствено учење и 20 проценувачи од регионалните центри за стручно образование и обука во Битола, Тетово, Куманово, Велес, Охрид, Струмица и во Штип, успешно ја завршија обуката која во изминатиот период ја спроведе ЈУ Центар за образование на возрасните.
Во Министерството за образование и наука тие денеска ги добија сертификатите со кои ќе може да ги валидираат знаењето и вештините на повозрасните граѓани.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека ова е уште една потврда за успешното функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.
-Во иднина сите граѓани што ќе сакаат да добијат формален документ за стекнатите знаења и вештини во текот на годините надвор од училиштето, ќе може да го сторат тоа во еден од седумте центри. Сертификатот што ќе го добијат ќе може да им послужи за понатамошно професионално и кариерно напредување – посочи Јаневска.
МОН наведува дека оваа новина е утврдена во Законот за образование на возрасните. Освен валидација на неформалното образование, регионалните центри за стручно образование и обука ќе спроведуваат и преквалификација и доквалификација на работници.