Денешниот онлајн настан беше добра можност за размена на искуства и практики со претставници од Австрија и Албанија. Во отворена дискусија ги споделивме предизвиците со кои се соочуваме, но и досегашните чекори што сме ги презеле во насока на унапредување на македонските социјалните услуги, објави Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.
Министерството за социјална политика, демографија и млади работи на уредување на системот на социјална заштита преку процеси што се насочени кон децентрализација, деинституционализација и развој на локални услуги. Со ваквиот пристап се настојува да се обезбеди поефикасна поддршка, со поголема вклученост на локалните заедници и давателите на услуги.
Како дел од овие процеси, воведен е модел во Македонија за финансирање на социјалните услуги кој се базира на утврдена методологија за пресметка на цената. Ова му овозможува на министерството да склучува договори со лиценцирани даватели на услуги и да го преземе финансирањето на оние услуги кои веќе се воспоставени на терен. Со тоа се создава јасен правец во кој јавниот и граѓанскиот сектор соработуваат на основа на системски поставени правила, нагласи тој.
Целта е да се изгради македонски функционален и достапен систем на социјални услуги што ќе одговара на потребите на различни корисници, потенцира Велковски.