Македонија Интервју

Узунчев: Ги преземаме сите мерки за стабилизација на АД ЕСМ, правиме решителни чекори кон целосна енергетска транзиција

Енергетската транзиција како стратешки приоритет на државата се соочува со предизвици во спроведувањето на политики, обезбедување финансиски средства, технички ограничувања и изградба на нови капацитети. Термоелектраните како најголеми производители на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои до 2030 година треба да се затворат, сè уште немаат соодветна замена бидејќи ЕСМ, во изминатите седум години не изградило нови производствени капацитети. Дополнително, производната цена на струјата на ЕСМ е повисока од продажната на универзалниот снабдувач, што резултира со работење со загуба и ја доведува во прашање реформата и зелената транзиција, се наведува во Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема ”Зелена транзиција преку промовирање на обновливи извори на енергија “.

Узунчев:  Ги преземаме сите мерки за стабилизација на АД ЕСМ, правиме решителни чекори кон целосна енергетска транзиција

Енергетската транзиција како стратешки приоритет на државата се соочува со предизвици во спроведувањето на политики, обезбедување финансиски средства, технички ограничувања и изградба на нови капацитети. Термоелектраните како најголеми производители на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои до 2030 година треба да се затворат, сè уште немаат соодветна замена бидејќи ЕСМ, во изминатите седум години не изградило нови производствени капацитети. Дополнително, производната цена на струјата на ЕСМ е повисока од продажната на универзалниот снабдувач, што резултира со работење со загуба и ја доведува во прашање реформата и зелената транзиција, се наведува во Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема ”Зелена транзиција преку промовирање на обновливи извори на енергија “.

Според ДЗР, со извршената ревизија утврдено е дека се спроведуваат реформи за декарбонизација, реформи на пазарот на електрична енергија кои се стратешки планирани, со заедничка декларација формирана е инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција, воспоставена е институционална рамка, активности кои не се доволни доколку не се обезбедат услови за имплементација од страна на енергетските компании.

Имено според податоците во извештајот на Државниот завод за ревизија, ЕСМ подолг период нема изградено големи енергетски капацитети и се соочува со неповолна финансиска состојба. Изградена е ФЕЦ Осломеј 3 од 100MW преку ЈПП, ФЕЦ Осломеј 1 од 10MW која до денот на ревизијата не беше оперативна. Наодите во извештајот на ДЗР беа повод Енергетика24 да поразговара со генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, точно една година откако е именуван за прв човек на државната компанија од најголемо стратешко значење за земјава.

1. Господине Узунчев, ви благодараме што ја прифативте поканата за интервју на тема која практично ја засега целата јавност, дотолку повеќе што го опфаќа работењето на најголемиот производител на електрична енергија . Изминува една година откако седнавте на жешката фотелја во најголемата државна компанија. Иако сте дипломиран машински инженер- магистер по технички науки од областа на машинството и доаѓате како докажан менаџер од приватниот сектор, ова е ваш прв ангажман во енергетиката, но и прв ангажман во јавниот сектор, воопшто. Познавачите на состојбите во енергетскиот сектор лани коментираа дека секој што ќе преземе одговорност да ја води АД ЕСМ по парламентарните изборите во 2024 година ќе биде исправен пред сериозни предизвици. Дали од оваа перспектива, една година подоцна, се согласувате со таквите коментари?

Ви благодарам за интересот. Се согласувам со сè што погоре напоменавте. Кога ја добив довербата од Владата и од премиерот Христијан Мицкоски да бидам генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ знаев дека нема да имам ни малку лесна задача. Точни беа коментарите дека јас, но и мојот тим ќе имаме тешка задача да го вратиме епитетот – ЕСМ темел на домашната енергетика. Но, реално, однадвор човек има еден впечаток, но кога одблиску ги согледавме фактите и затекнатата состојба на сите расположиви ресурси, стана кристално јасно дека имаме трнлив пат пред себе. Поминавме низ една тешка година кога компанијата се соочи со огромни предизвици. АД ЕСМ најголемата државна компанија којашто во моментов има преку 5 и пол илјади вработени заедно со своите ќерки фирми, на крајот на август минатата година, ја презедовме буквално во катастрофална состојба. Девастирана инфраструктура, неспроведени ремонти во РЕК „Осломеј“, незавршен или незапочнат ремонт на Блок 1 во Битола, делумно спроведени ремонти во ТЕ Битола 2 и ТЕ Битола 3, , комплетно потфрлање во производството на јаглен и електрична енергија и девастиран хидропотенцијал.

2. Дали истиот впечаток го делите и во однос на финансиската кондиција на компанијата?

За жал, да. Финансиската слика прикажуваше комплетно нарушени парични текови. На 1 септември лани, компанијата имаше обврска кон своите добавувачи во износ од 5,1 милијарди денари од коишто 4 милијарди денари беа веќе доспеани. Само 600 милиони денари од тие 4 милијарди беа доспеани повеќе од една година. Повеќе од една година ниту еден денар не им бил платен на преку 50 економски оператори на компанијата. Потоа, затекнавме огромна превработеност. Би сакал да потенцирам дека на 31 декември 2023 година, би рекол, во предвечерието на ланските парламентарни избори се вработени 690 лица, скоро сите со несоодветно образование и на несоодветни позиции. Ревизијата покажа дека и за жал, голем дел од нив не ни оделе на работа, заклучно со јули 2024 година.

Оттука, можам да констатирам дека првиот впечаток беше очај, слика на систематски уништувана компанија, заради неспособност или заради лукративност. Тука пред сè мислам на криминал и на систематско уништување на рудниците. Само за споредба, ако во 2017 година АД ЕСМ произвел 5 милиони тони јаглен, во континуитет производството од 2021 година паѓа, за во 2024 година на 1 септември компанијата да ја затекнеме само со 2 милиони тони произведен јаглен. Затекнавме хаотична состојба во рудниците, непочитување на рударските проекти, на депонијата во РЕК „Битола“ на 1 септември, имаше речиси празна депонија за јаглен, со низок или никаков квалитет, а во РЕК „Осломеј“ 30 000 тони таканаречен, битуминизиран јаглен, целосно несоодветен и штетен за тој термоблок. И сето тоа на нецел месец пред почетокот на грејната сезона 24/25 г.

-Тогаш, како успеавте да се се справите со предизвиците што ги носи минатата грејна сезона?

Немавме друг избор освен за краток период да се мобилизираме и консолидираме. Се направи целосна реорганизација на капацитетите во рудниците, според насоките на стручните лица од компанијата и од Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип за да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен. Нашите итни мерки дадоа многу брзо резултати на терен, но попатно имаше предизвици особено со неисправна и уништена рударска механизација која замислете, била оставена на немилост од аспект на редовното одржување и ремонти на машините.

Исто така, поради несоодветното производство во периодот од 2021 година до 2024 година, минатите раководства потрошиле преку 30 милијарди денари за набавка на електрична енергија, за да можат да го покријат конзумот. Тоа се преку 500 милиони евра во вредност на непроизведена електрична енергија, а за таа сума и помалку раст на БДП во тие години. И споменатите состојби се само мал сегмент на сфери во кои што компанијата ја затекнавме. Секојдневно доаѓаме до индиции за нови криминали. За жал, цела една служба во АД ЕСМ работи за продуцирање на кривични пријави. На крајот ќе заклучам дека во изминатите седум години сите минати раководства на компанијата, членови на Управни одбори и Надзорни одбори, систематски ја уништувале компанијата за остварување на своја лична корист или заради незнаење или неспособност . Ние како ново раководство, по преземањето на компанијата презедовме структурални промени и направивме нов пристап во решавањето на проблемите и предизвиците. Но да биде јасно, во енергетиката не постојат брзи решенија со кои ќе се стабилизираат процесите преку ноќ или за некој разумен период од неколку месеци, особено не кога ќе затекнете состојба на катастрофа во сите сегменти. Потребен е подолг период кој максимално го користиме за да ги сопреме негативните процеси и трендови и да го стабилизираме ЕСМ од финансиски, кадровски и техничко технолошки аспект.

Целото интервју на Узунчев прочитајте го на Енергетика24

To top