Македонија Уставен суд

Уставниот суд на Република Македонија го презема претседавањето со Балканскиот форум на уставни судови

Костадиновски ќе го претставува форумот на меѓународни и регионални настани

Уставниот суд на Република Македонија го презема претседавањето со Балканскиот форум на уставни судови

Уставниот суд на Република Македонија од денеска, во наредната година ќе претседава со Балканскиот форум на уставни судови (BCCF) и ќе биде домаќин на 4. Форум кој ќе се одржи во земјава, на 12 и 13 ноември 2026 година. Претседателот д-р Дарко Костадиновски и официјално го презеде претседателството на 3. Годишен состанок на Балканскиот форум, кој се одржа во Анталија, Република Туркије.

Костадиновски ќе го претставува Форумот на регионални и меѓународни собири и конференции во текот на следната година. На специјалната сесија посветена на клучните прашања поврзани со статусот на Балканскиот форум на уставни судови, претседателот Костадиновски ги информираше останатите судови-членки дека на 4. Форум кој ќе се одржи следната година во Република Северна Македонија како почесен гостин ќе присуствува претседателот на австрискиот Уставен суд, Кристоф Грабенвартен, а поканети ќе бидат специјални гости од Венецијанската комисија, Европскиот суд за човекови права, претставници од судовите од Египет, Шпанија, Азербејџан.

На оваа одлука претходеше усвојување на Статутот и на Анталиската Декларација на Форумот со која членовите се обврзаа на заложбите со кои ќе се обезбедат принципите на владеењето на правото, демократијата и промоција и почитување на човековите права во балканските земји.

Со овие два значајни документа судовите-членови на Балканскиот форум на уставни судови го потврдија постоењето на BCCF како постојано тело и независна судска платформа за значајни уставни јурисдикции помеѓу земјите на Балканскиот регион, како и потребата од усвојување на посебен Статут со кој е дефинирана организационата структура на Форумот.

Сесијата посветена на BCCF се одржа во рамки на 3. Годишна конференција на којашто се обрати претседателот д-р Костадиновски. Во неговото обраќање се осврна на „Стандардизација на човековите права и улогата на уставната правда”.

Балканскиот форум на уставни судови беше формиран во октомври 2023 година на иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија и Уставниот суд на Република Бугарија. На првиот Годишен состанок претседателите на уставните судови на Република Македонија, Бугарија, Албанија, Косово, Црна Гора и Туркије потпишаа Меморандум за разбирање и основање на Форумот.

To top