Македонија

Уставниот суд ќе ја одржи 24. седница

Уставниот суд ќе ја одржи 24. седница

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 24. седница на чиј дневен ред е предвидено да се дискутира по осум предмети за оценување на уставност и законитост.

На седницата, меѓу другото е предметот за линеарното покаќување на пензиите.

Подносителите на иницијативата, го оспоруваат член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на  Законот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна  Македонија“ бр.193/24).

-Подносителите тврдат дека измените се во спротивност со суштината на пензискиот систем и на членовите 8 став 1 алинеи 3 и 6, членот 9 и членот 30 во врска со членот 34, член 51 и член 54 од Уставот на Република Северна Македонија. Се наведува дека пензијата не е социјална категорија, туку секој пензионер има остварено различна висина на пензија во зависност од тоа колку години и во која висина во Фондот за ПИОМ уплатувал придонеси и според подносителите  се прави дискриминација, на една категорија пензионери кои се со пониски пензии да им се исплатува поголем процент при покачување на пензиите, а на други помал процент или попрецизно, со покачувањето од 2500 денари, на секој пензионер му се зголемува пензијата со различен процент, наведуваат подносителите на иницијативата.

Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и -инвалидско осигурување од 18 септември 2024 година, се вршат измени во членот 37 кои гласат „Во ставот 2 по зборот “претходи ”се става запирка и се додаваат зборовите: „објавени од Државниот завод за статистика”. Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата.”

Со членот 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување објавен на 18 септември 2024 година, се вршат измени во членот 37 кои гласат: Одредбите од членот 37 од овој закон не се применуваат во период од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. На 1 септември 2024 година сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 31 август 2024 година се зголемуваат за 2500 денари. На 1 март 2025 година сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година се зголемуваат за 2500 денари.

На дневен ред пред Уставниот суд се и две барања за заштита на слободите и правата, меѓу кои и за „повреда на слободата на јавното изразување на мислата“.

Подносителите на барањето преку својот адвокат ја оспоруваат Пресуда 21 П4-401/20 од 15.07.2022 и Пресудата ГЖ-1463/23 од 19.12.2024.

Подносителите наведуваат дека за време на настанот во Собранието кој се случил на 27 април 2017 година, не само што биле спречени во извршувањето на работните задачи, биле и нападнати од група граѓани додека известувале за вестите на Телевизија Телма, а државата преку полициските службеници не ја заштитиле нивната безбедност за да може да известуваат. Подносителите тврдат дека со часови биле фатени во обрач од толпата и втурнати внатре во Собранието, иако првично како новинарска екипа известувале од пред влезот, надвор. Поради фактичката состојба, поднеле тужби против државата, прво до Основниот граѓански суд Скопје, а по одбивањето се жалеле и до Апелација, но нивните наводи не биле прифатени. Меѓу другото во пресудите, според подносителите, е наведено дека не претрпеле телесна повреда како последица од настаните кривичниот ден, дека стравот не е опфатен со одредбата, како и дека повредата на слободата на изразувањето не е опфатена преку принципот на одговорност на државата, па им било посочено дека треба да ја докажуваат по принципот на субјективна одговорност на државата.

Пред уставните судии на денешната седница е и предлог за одлучување со нацрт-одлука, по иницијатива за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување на Законот за ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.91/2023), поведена од Уставниот суд на 02.07.2025 година.

To top