Министерството за спорт продолжува со реализација на зацртаните проекти за подобрување на спортската инфраструктура и условите за спортување за младата популација.
Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, денеска официјално го пушти во употреба новиот спортски центар што се наоѓа во склоп на ОСМУ „Никола Штејн“ во Тетово.
-Добивме уште еден спортски центар во Тетово и инвестицијата е апсолутно оправдана. На овие терени ќе има многу деца што ќе спортуваат и ќе има економска исплатливост на оваа инвестиција. Не е важно само да се направат терените, туку тие треба да бидат полни и искористени. Тоа е она што ние како Министерство за спорт го бараме како рерзултат со подобрување на спортската инфраструктура во заложбата да промовираме позитивни вредности и да ги анимираме младите да спортуваат – истакна министерот Борко Ристовски.
Во склоп на новиот спортски центар во Тетово изградено е фудбалско игралиште со вештачка трева, терен за одбојка со вештачка трева и кошаркарско игралиште со полипропиленски по ФИБА стандарди како и трбина со околу 300 места за седење.
Ова е уште еден успешно реализиран проект на Министерството за спорт во соработка со локалната власт, во заложбата за подобрување на спортската инфраструктура низ целата држава.