Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти Автомотосојузот на Македонија во пладневниот извештај за состојбата на патиштата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.
-Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, наведува Автомотосојузот.
АМСМ потсетува дека вчера (12 септември) почнати се градежни активности за санација на свлечиште на регионален пат Р1202 делница Косоврасти – Мелнички Мост, поради што се воспоставува привремена измена на режимот на сообраќај до завршување на активностите.