Македонија Неиздавање сметки е евидентно и на клиниките

УЈП утврдила неправилности кај речиси половина од контролираните субјекти

По реакции во јавноста, УЈП направила контрола и на паркингот кај поликлиниката Бит-пазар и утврдила две неправилности и две нерегистрирани лица кои наплаќаат паркирање.

УЈП утврдила неправилности кај речиси половина од контролираните субјекти

Управата за јавни приходи (УЈП) од почетокот на годинава до 30 октомври извршила 3712 надворешни контроли кај субјекти од различни дејности по основ на Законот за регистрирање готовински плаќања и кај 1948 од нив се констатирани неправилности. Само во октомври извршени се 679 контроли и во 416 се евидентирани неправилности.

Како што соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска на брифинг со новинарите, на 11 септември на подрачјето на Бутел, Старата чаршија и Чаир откриени се 44 неправилности во 63 контроли. Утврдено е и дека осум физички лица вршеле нерегистрирана дејност за што УЈП пријавила во Државниот пазарен инспекторат.

Таа соопшти и за постапување на 16 октомври во Арачиново, во соработка со МВР и Пазарниот инспекторат, каде што неправилност била констатирана кај осум од 16 објекти кои биле отворени во моментот на контролата, а биле откриени и осум со нерегистрирана дејност.

По реакции во јавноста, УЈП направила контрола и на паркингот кај поликлиниката Бит-пазар и утврдила две неправилности и две нерегистрирани лица кои наплаќаат паркирање.

-Во два наврата имаме постапено за овие случаи, и во двата обида имаме констатирано неправилност, што значи дека треба да има кривично дело. Меѓутоа, ќе видиме како да постапиме во координирана акција и со Пазарната и со Управата за финансиска полиција, рече Лукаревска.

Направени се контроли и на 11 клиники, од кои неправилности имало утврдено кај четири во однос на фискализација – на Онкологија и на клиниките за детски болести и за очни болести, како и кај еден универзитетски институт. Кај Институтот за јавно здравје, пак, нема неправилности во однос на фискализација, но контролата е насочена по основ на данокот на добивка.

-Евидентна е состојбата со неиздавање фискални сметки на клиниките. Иако се смета дека надлежен да постапува е Државниот санитарен и здравствен инспекторат, меѓутоа и УЈП има право и обврска да постапи и кај овие даночни обврзници кои се од јавен интерес зашто тие се лицето на општеството и на државата, рече Лукаревска.

To top