Македонија Незадоволство

Тутунарите бараат зголемување на откупните цени на тутунот, откупувачите не даваат

Според тутунопроизводителите, годинашниов род е околу 13.000 тони тутун, што е околу половина помалку од лани.

Тутунарите бараат зголемување на откупните цени на тутунот, откупувачите не даваат

Незадоволни сме и револтирани зашто откупувачите не сакаат да го слушнат нашето барање и немаат слух за покачување на откупните цени на тутунот, рекоа на денешната прес-конференција во Прилеп од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија. Тие денеска имаа состанок со откупувачите во Министерството за земјоделство во Скопје.

-Цела недела комунициравме со откупувачите на кои им ги доставивме нашите барања за зголемување на откупните цени на тутунот по класи. Денеска имавме средба во Министерството за земјоделство. Откупувачите воопшто немаат слух за зголемување на цените и одбиваат без никакво образложение. Прво не викаат на преговори, а од преговорите не излезе ништо и ние како Сојуз ја напуштивме седницата, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

Но, додаде, остануваме на ставот дека мора да се зголемат цените.

-Нашето барање го темелиме на фактот дека имама 20 отсто инфлација и зголемени трошоци на живот и на производство. Ни треба реално проценување за да преживееме и да може да ја планираме наредната реколта, но сето тоа е доведено во прашање. Нема законска можност да ги спречиме да откупуваат, но ќе бараме и ќе ги користиме сите алтернативни можности. Пред 15 ноември, пред да течат роковите за откуп, рековме дека нема да пуштиме повереници на вагите, но не може да ги спречиме и оставено е на нивна лична проценка, рече Стомнароски.

Тутунарите бараат зголемување од минимум 20 отсто. Последните откупни цени кои не сакаат фирмите да ги зголемат се 300 денари за прва, 240 за втора и 180 за трета класа тутун.

Менде Мицаноски, член на Сојузот и тутунопроизводител смета дека ваквата ситуација ја уништува оваа производствена гранка, а родот годинава е преполовен.

-Тутунот е преполовен во споредба со лани. Климатските промени си го направија своето. Оваа ситуација е многу тешка и речиси погубна за производството. Младите не сакаат да го работат поради неисплатливоста. Ова е големо разочарување, а особено сме непријатно изненадени од категоричниот одбивен став на најголемиот откупувач „Сокотаб“, рече Мицаноски.

Според тутунопроизводителите, годинашниов род е околу 13.000 тони тутун, што е околу половина помалку од лани. Тутун ќе откупуваат 10 фирми, а законскиот краен рок за почеток на откупот е 15 декември. (МИА)

To top