Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во гостување во Дневникот на МРТ истакна дека доколку повторно би се вратил на почетокот на годината, би работел со истото темпо и посветеност во реализацијата на бројните проекти и програми на Министерството, со јасна цел за унапредување и зајакнување на земјоделскиот сектор.
„Годината ја оценувам како многу успешна, со значајни и мерливи резултати. Донесени се важни законски решенија, реализирани се јавни повици за прераспределба на земјоделско земјиште и ловишта, како и активности за забрзување на долго запоставени проекти, и тоа проектот со Светска банка за изградба на откупни центри во Скопје и Струмица, како и проектот финансиран со кредит од германска банка за изградба на системи за наводнување, кои се во напредна фаза. Во текот на 2026 година ќе започне и нивната реална изградба“, појасни министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека нема потфрлување во земјоделскиот сектор, што го потврдуваат и официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
„Во второто тримесечие, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесуваат 3,6 милијарди денари, што претставува зголемување од 24,6% во однос на истиот период од 2024 година. Во третото тримесечие, откупот и продажбата достигнаа 5,2 милијарди денари, што е раст од 12%, односно околу 10,4% споредбено со 2024 година. Овие бројки се јасен показател дека сме значително поуспешни од минатата година“, истакна министерот.
Министерот Трипуновски додаде дека позитивните трендови се евидентни и во делот на извозот на земјоделски производи, во периодот јануари – октомври, извозот на храна бележи раст од 5,5% во споредба со 2024 година. Кај пијалоците и извозот на тутун е забележан раст од дури 30%. Овие податоци се показател дека сме на вистинскиот пат кон враќање и зајакнување на македонското земјоделство.