Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на струмичкиот регион.
При посетата Трипуновски оствари средби со здруженија на пчелари и со претставници на двете асоцијации на земјоделски задруги кои што се во регистарот од струмичкиот регион.
На средбите е разговарано за сите отворени прашања и предизвици и како во наредниот период да се одржи и развива пчеларството како сточарска гранка и за задругарството како битен елемент од земјоделскиот сектор.
Со последните законски измени, кои што ги направи власта, престана да важи законот за задруги, односно задругите се уредуваат во еден посебен закон кој што е под министерството за економија и тука обврска на министерството за земјоделство требаше да биде да направи дополнителни измени на законот за земјоделство и рурален развој каде што ќе се допрецизираат условите, работењето и контролата врз земјоделските задруги, тој закон се уште не е поминат, што значи дека се воспоставува еден правен вакуум и веќе имаме една нефункционалност на системот – изјави Трипуновски.
Во регистарот на министерството за земјоделство има 79 регистрирани земјоделски задруги, но само триесетина се активни и ги исполнуваат условите да бидат корисници на мерките од изминатите години, додека останатите се мали земјоделски задруги кои што не ги исполнуваат условите.
Програмите кои што ги имаше министерството за земјоделство од 2017 година па наваму, секоја година беа предвидени средства, иако со опаѓачки тренд, меѓутоа многу мал дел од тие средства беа дадени на земјоделските задруги за да ги окрупниме, да ги зајакнеме, да ги модернизираме со земјоделска механизација за да бидат конкурентни. Задругарството е битен сегмент и тој е покажан како позитивен пример ширум светот и затоа во минатото беше воспоставен овој закон се со цел да ги организираме земјоделците по тип на производство за да можат да бидат рентабилни на пазарот. – додаде Трипуновски.
Трипуновски најави повторно разгледување и враќање во важност на законот за земјоделски задруги.
На оваа дискусија денеска ние ќе работиме заедно и ќе се договараме како во иднина да го враќаме овој закон за земјоделски задруги затоа што тоа е една од битните алки во решавањето на пласманот на нашиот квалитетен земјоделски производ. Не треба некое друго министерство да ја работи оваа материја бидејќи ова е малку поспецифично и би сакал да ветам пред сите земјоделци во иднина задругарството ќе биде сериозно помогнато со финансиски средства, што ќе значи модернизација на целото производство, создавање на услови за работа, окрупнување, помош при осигурување и сите они работи кои што се во интерес на овие задруги за да ги поставиме на една вистинска и правилна основа. – заврши Трипуновски.