Нема да има кратења на субвенциите, туку ќе се воведат дополнителни условувања во делот на производството. Целта е да се зголеми продукцијата на храна и финансиската поддршка да ја добијат вистинските земјоделци, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Трипуновски најави засилени, но не, како што напомена, тенденциозни контроли на терен, зашто се забележани корисници на субвенции што воопшто не ги обработуваат површините. Притоа потсети дека минатата година беше потпишан меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство ѝ се ставаат на располагање на Платежната агенција за да се спречи одлевање државни средства кај лица кои што досега користеле поддршка, а не обработувале земјоделска површина.
Неблагодарно е, дополни, да се даваат по 100 милиони евра годишно, а да се бележи пад на производството и на сточниот фонд.
– На владина седница е усвоена новата програма за директни плаќања за 2026 година, а новина или мала реформа е тоа што се воведува минимално зголемување на површините и на бројот на грла како услов за користење на субвенциите. Во делот на полјоделските култури, досега требаше да се има 0,2 хектара земјоделско земјиште за да добиете субвенции, а сега тој праг го зголемуваме на 0,7. Во сточарството, досега за една, две или три крави можеше да се добијат субвенции, но сега ставаме долна граница од три. Целта е да стимулираме вистински раст на земјоделството. Ако погледнеме статистички, во една деценија ние можеби имаме раст во бројот на грла, но има пад во млекопродукцијата. Се менуваат условите и во козарството – досега беа прифатливи 10 грла, а од сега одиме со новитет од 30 грла. Во пчеларството, ако досега 10 пчелни семејства беа услов за користење субвенции, сега ќе бидат најмалку 30 – рече Трипуновски на брифингот.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки капацитети или откупувачки центри. Сето ова, рече тој, се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат.
Министерот ги отрфли како неосновани и невистинити обвинувањата од опозицијата дека ќе има кратење на субвенциите.
– Сакам да ги отфрлам обвинувањата од опозицијата и од сите што се обидуваат да ја коментираат Програмата за 2026 година – нема кратења на субвенциите, туку има дополнителни условувања во делот на производството. Сите реформи што ги правиме се за да дадеме правец каде ќе се движи Македонија во наредниот период. Мора поддршката да оди кај вистинските земјоделци, кои навистина работат и произведуваат. Постојат категории луѓе што се обиделе да го злоупотребат системот и да користат земјоделски субвенции. Со новите капацитети на Платежната агенција и теренските контроли ќе се елиминираат сите што сакаат да печалат на грбот на државата, да земаат субвенции, а да не учествуваат во земјоделството. Фокусот ќе бидат вистинските, активни земјоделци, кои навистина работат и придонесуваат во секторот. Тие треба да бидат поддржани од државата – изјави Трипуновски по брифингот со новинарите.
За кампањата „Македонско најдобро“, што почна лани, министерот информира дека ќе продолжи и оваа година.
– Со зголемување на националната свест за купување домашни земјоделски производи и преработки се поддржуваат домашната економија и македонските земјоделци. За поздравување е тоа што веќе и кондиторската индустрија и преработувачките капацитети се расположени да ја промовираат кампањата со ставање на логото како знак на препознавање на полиците – рече Трипуновски.