Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) во соработка со Институтот за развој, истражување и алтернативи (ИДРА) – Тирана и Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД) – Белград организира Трилатерална пролетна школа за спречување на корупцијата во високото образование која се одржува од 15 до 18 мај во Охрид.
Трилатералната школа е организирана во рамките на проектот „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“ и учествуваат 30 студентски лидери и активисти (по 10 учесници од трите земји) како и пет експерти.
-Преку Школата студентите имаат можност да стекнат теоретски и практични знаења и вештини за спречување на корупцијата во универзитетите. Раководителот на проектот, Мишо Докмановиќ, на отворањето на Школата го нагласи значењето на регионална соработка во превенцијата на корупцијата како и користењето на новите дигитални алатки кои се развиени преку проектот (четбот) и им се на располагање на студентите, соопшти ИСИЕ.
Проектот „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“ е поддржан со регионален грант на Смарт Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, регионален проект имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (ЦПЦД), Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка.