Зафир Хаџиманов почина на 27-ми март 2021-ва година. Беше роден во Кавадарци на 25 декември 1943. Хаџиманов беше македонски пејач, композитор, глумец и поет.
По таткова линија, Зафир Хаџиманов потекнува од Кавадарци, додека по мајчина линија е скопјанец. Неговиот татко, Васил Хаџиманов, бил првиот во семејството кој започнал да се занимава со музика уште од неговите средношколски денови во Велес. Подоцна, тој се запишал на Фармацевтски факултет во Белград, но го напуштил и се запишал на Вишата педагошка школа во Скопје, отсек музика, по што својот животен век го посветил на фолклористиката. Зад себе, Васил Хаџиманов оставил над 5.000 записи од македонски изворни песни.
Зафир Хаџиманов дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го има синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар.
Во 1991 година, Хаџиманов бил еден од основачите на друштвото за македонско-српското пријателство „Шар Планина“ и на здружението на Македонците во Белград, „Македониум“. Поради неговите заслуги за промоцијата на македонската култура во Србија, во 2007 година, тој бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Кога навлегол во осмата деценија од животот, Хаџиманов се соочил со бројни здравствени проблеми: најпрвин, по извршената хируршка интервенција, го загубил видот на едното око, потоа преживеал срцев удар, а исто така боледувал и од дијабетес.
Зафир Хаџиманов починал на 27 март 2021 во Белград, како последица на инфекцијата со вирусот КОВИД-19.