Македонија Да ја спречи конфискацијата

Трендафилов за зградата на ССМ: Се надеваме дека судиите нема да потпаднат на политички или олигархиски притисок и дека правдата ќе победи

ССМ има доставено ваков предлог во август месец минатата година за да им помогне да не се мачат, да не менуваат седум закони, туку да сменат само еден член од еден закон кој ќе овозможи враќање на платите на функционерите пред срамната одлука на Уставниот суд со која им се зголемија платите за 78 проценти, нагласи Трендафилов.

Трендафилов за зградата на ССМ: Се надеваме дека судиите нема да потпаднат на политички или олигархиски притисок и дека правдата ќе победи

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), за да ја спречи конфискацијата на Работничкиот дом, поднесе предлог за повторување на постапката пред Основниот граѓански суд и бара што е можно поскоро овој предлог да биде доставен до Врховниот суд за брзо и ефикасно да се постапи, поради новите доставени докази.

Како што соопшти денеска на прес-конференција претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, за максимум една недела до недела и пол, Сојузот ќе почне со низа протести кои ќе кулминираат со голем работнички протест на 1 Мај. Тој апелира во протестите да се вклучат и останатите синдикати.

Според Трендафилов, кој изрази очекување дека постапката ќе заврши за 30 до 45 дена, како и дека правдата ќе победи, Работничкиот дом треба да остане на работниците, а законот не може да се применува селективно. Негова оценка е дека ако евентуално се одлучи на ССМ да му биде одземена зградата, тогаш таквата пресуда ќе биде злоупотребена од сите, а најмногу токму од ССМ кој за многу кратко време ќе може да почне постапки за одземање на сопственоста на имотите на некои политички субјекти што, пак, напомена, може да доведе до нивно згаснување, па и до колапс на општеството.

Претседателот на ССМ се надева дека судиите нема да потпаднат на политички, бизнис или олигархиски притисок. Смета и дека за овој случај треба да се заинтересира Уставниот суд до кого, рече, ќе биде поднесено барање за да се утврди дали е повреден Уставот.

-Претседателството и Советот на ССМ едногласно донесоа одлука за организирање низа протести кои ќе кулминираат со голем работнички протест на 1 Мај. Низата на протести се токму поради ова – трпението на работниците е премногу мало, не можеме веќе да се усогласиме со политиките што се водат, особено во судскиот систем на штета на работниците со конфискацијата на Работничкиот дом, не можеме да се усогласиме со некои политики без оглед на тоа дали се на централно или на локално ниво во поглед на постапките кои значат намалување на работничките плати. Протестите ќе бидат со отворена покана до сите синдикати во Македонија, не само синдикатите од ССМ, туку ги покануваме и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, СОНК, УНСМ и сите останати грански синдикати кои не се здружени во ниту една федерација, сојуз или конфедерација, да ни дадат поддршка и да се придружат на ваквите протести. Овие моменти, особено поради изборниот процес, се моменти кога работниците можат јасно да дадат до знаење на сите кои претендираат да бидат власт, дека не може повеќе корумпирано судство, дека не може повеќе намалување на платите, дека не може повеќе да си овозможувате само за вас, а за работниците не, истакна Трендафилов.

Во врска со предлогот на пратеничката група на СДСМ поднесен вчера за законски измени со кои нема да се зголемат платите на функционерите, Трендафилов потсети дека ССМ веќе има доставено ваков предлог уште во август минатата година.

– ССМ има доставено ваков предлог во август месец минатата година за да им помогне да не се мачат, да не менуваат седум закони, туку да сменат само еден член од еден закон кој ќе овозможи враќање на платите на функционерите пред срамната одлука на Уставниот суд со која им се зголемија платите за 78 проценти, нагласи Трендафилов.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со конфискацијата на Работничкиот дом, тој напомена дека „предлогот за повторување на постапката ги побива сите недоречености на судиите кои се надвор од правната рамка и правниот разум, зашто слободното судиско убедување не може да биде посилно од документите, од Уставот, од одлуките на Уставниот суд, како и од законите кои се применувале и порано и денес“.

-Очигледно е дека дилемите кај овие тројца судии кои ја донесоа ваквата срамна пресуда за конфискација на Работничкиот дом треба дополнително да се разјаснат. Очекуваме правото и правдата конечно да победат. Апелирам и до Врховниот суд и до Советот кој одлучувал за донесувањето на оваа ревизија за конфискација на Работничкиот дом, до првостепениот суд, односно Основниот граѓански суд, оваа работа што е можно побрзо да ја заврши, да го разгледа предлогот за повторување на постапката, да ја отфрли ревизијата и Работничкиот дом да остане на работниците онака како што е повеќе од 60-70 години, од педесеттите години на минатиот век. Не можете да применувате селективно закон од 1998 година за здруженија и фондации кога ССМ од 1994 година се регистрира по Законот за работни односи и се води посебен регистар за тоа во Централниот регистар, како и во МТСП, и од 1994 година до денес се регистрира на истиот начин, а вие селективно да применувате еден член од законот кој вам ви одговора и покрај тоа што и во тој закон и во сите останати закони средствата од дописнина, од чланирина и од имовина, како што ја нарекувале во тој период, се средства со кои располагале дури здруженијата и фондациите во тој период и на таков начин имале право да располагаат, имале право да градат, имале право да имаат своја сопственост и никој не може денеска, после 70 години, да одлучува дали тие тогаш правилно одлучувале и дали органите на државата во тој период правилно одлучувале, потенцира претседателот на ССМ.

Трендафилов изрази наеж дека нема да има политички влијанија.

-Ќе видиме во наредниот период дали некој ќе се обиде да го минира процесот. Не сакаме да веруваме дека ќе има политички влијанија и политички притисок. Не сакаме да веруваме дека судиите ќе потпаднат и под бизнис или олигархиски притисок, особено поради вниманието на јавноста. Ние добивме допис од Европската конфедерација на синдикати со која се укажува и на Европската комисија и на Делегацијата на ЕУ во Македонија, испратен е дописот и до амбасадорот на Делегацијата на ЕУ дека се става под знак прашалник и претпристаниот процес на Република Македонија во ЕУ. Толку сме силни, ги користиме сите механизми и ќе ги искористиме сите механизми за да покажеме дека Работничкиот дом мора да остане на работниците. Очекуваме брза реакција и од Правобранителството – да го добијат предметот, да го вратат во Врховниот суд кој дал првпат одлука на штета на работниците и на ССМ и доколку не се случи тоа, излегуваме на улица, прво пред судовите. Во моментов одговорноста ја гледаме таму. Сомнежите веќе ни се потврдуваат и за политичката одговорност. Тоа што можат политичарите да го изгубат доколку го изгубиме ние Работничкиот дом, значи исто, да ги изгубат и нивните домови, подвлече претседателот на ССМ.

Во овој контекст дополни дека нивното, работничкото, не може никој да им го „враќа“.

-Не може да очекуваме некој сега да дојде и да ни каже дека ни го враќа тоа што е наше, тоа што ние сме го изградиле. Она што е наше е наше и не може никој да го земе, ниту ќе го дадеме „на тацна“. Да, политичка волја е потребна, меѓутоа и политичка одговорност има. Да не заборавиме дека имотите на неколку политички субјекти и политички партии кои наредниот период ќе се тркаат на следниве избори се општествено-политички организации и дека на ваков начин ќе биде проблем за нив и дека некој ќе дојде како нас, дека некој ќе дојде сличен како на нив, како на тие што ја почнале целата постапка, како на овие тројца судии кои ја донеле ваквата срамна пресуда ќе им го одземе и нив. Тоа значи дека ќе се случи колапс во општеството, во Македонија. Не зборуваме само за згаснување на ССМ како единствената класна работничка организација, можеби и за згаснување на неколку политички субјекти во следниот период во Република Македонија преку одземање и конфискација на нивните имоти. Да не заборавиме, ние можеме да донесеме многу слична одлука за многу брзо време, да почнеме постапки токму за нивните имоти доколку постои ваквата пресуда во правниот промет. Ваквата пресуда ќе биде злоупотреба од сите, најмногу од нас, рече Трендафилов.

Повотори и дека овој предмет и ваквата пресуда не треба да постојат во правниот промет.

-За нас е значајно што идејата за изградба на овој Работнички дом почнала со зборовите „Смрт за фашизмот, слобода на народот“ и веројатно така и ќе заврши. Очекуваме Уставниот суд да се заинтересира, зашто овој предмет и ваквата пресуда не треба да постојат во правниот промет, особено поради тоа што се спротивни на правата на слобода на здружување. Ние имаме ратификувано меѓународни конвенции на Меѓународната организација на труд во Македонија кои имаат сила на закон. Таквиот начин значи дека прекршувањето на правото на слобода на здружување, прекршувањето на правото на синдикалците, на работниците да се организираат во синдикати со конфискацијата на нивниот дом особено зашто тоа го нема никаде во светот, е прекршување директно на правото на слобода на здружување. Ние ќе поднесеме барање до Уставниот суд за да се утврди дали е повреден Уставот во некои членови особено зашто во 1992 година, токму на барање на ССМ на СДСМ кој се приклучи кон ССМ и на Социјалистичката партија се укинати одредбите со кои се одзема имотот граден од овие организации, особено поради тоа што ССМ е уставотворна организација која постоела во Уставот од 1992 година, рече претседателот на ССМ. (МИА)

Поврзани теми

To top