Заврши времето од порано, ова е време кога законот важи еднакво за сите и без оглед кој на која етничка припадност припаѓа ќе одговара ако згреши, а ако имаме докази, ќе биде спроведен каде што му е местото, порача вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од собраниската говорница.
Во одговорот на интерпелацијата поднесена против него од коалицијата „Европски фронт“ која највеќе се базира на случувањата од 28 ноември, Тошковски потенцира дека ќе одговара секој што ќе запали државно или знаме на која било етничка заедница.
– Секој што згрешил, ќе одговара, а и сите што ќе запалат знаме на кој било етникум и притоа има докази ќе завршат во затвор. Тоа не е закана. Во врска со 28 ноември, Македонецот кој го запали албанското знаме истиот ден беше спроведен пред надлежен орган, а следниот ден беше во притвор, а во притвор завршија и тројцата Албанци кои го запалија македонското знаме, подвлече министерот.
Тој информира дека откако е министер за внатрешни во земјава е намален бројот на убиствата и криминалот, за 17,8 е намален бројот на жртви од убиства, а за 35 проценти е намален и бројот на кражби.