Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Турција, Н.Е. Фатих Улусој.
На средбата беше потврдено дека Турција е еден од нашите најблиски партнери, како и важен сојузник во НАТО, а взаемниот долгогодишен пријателски и партнерски однос е надополнет со силна економска, трговска, безбедносна и културна соработка на која двете држави остануваат посветени.
Министерот Тошковски изрази и огромна благодарност за брзиот одзив на повикот за помош во справување со пожарите, бидејќи Турција беше прва земја која испрати помош од два авиони и еден хеликоптер, кои учествуваа во гасењето на пожарите.
Акцент на средбата беше ставен на договорот за безбедносна соработка меѓу македонската и турската влада, кој е во финална фаза, со кој ќе се отвори простор за многу поинтензивна соработка во борбата против тероризмот, транснационалниот организиран криминал и нелегалната миграција. Се разговараше и за иницијативата на нашето министерство за поинтензивна соработка помеѓу центрите за обука на полициските служби на двете земји, како продолжение на досегашната одлична соработка со турската полициска академија, која стипендира студенти на безбедност од нашата земја, како и за припадници на МВР на додипломски и постдипломски студии.