Горд сум на граѓаните затоа што имаме драстично намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи во Скопје откако почна пробниот период на „Безбеден град”, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното гостување во дневникот на телевизија Сител.
-Сакам да им се заблагодарам на граѓаните затоа што докажаа дека без казни успеаја бројот на загинати да го намалат од 11 на два смртни случаи во периодот декември-јануари, споредено со декември 2024-јануари 2025 година. Бројот на повредени граѓани на територијата на СВР Скопје за овие 50 дена колку што функционира „Безбеден град” е намален за 35 посто, истакна министерот Тошковски.
Тој потенцира дека целта на проектот „Безбеден град“ е да ја зголеми безбедносната култура на граѓаните, а како последица на тоа да имаме колку што е можно помалку сообраќајни прекршоци, колку што е можно помалку повредени и најважно од се, колку што е можно помалку човечки жртви.
-Почнавме од 100.000 прекршоци дневно, но сега се драстично помалку. Сепак, се уште станува збор за голема бројка, рече Тошковски.
Тој појасни дека „Безбеден град” ќе санкционира четири прекршоци.
-Системот „Безбеден град“ ќе констатира минување на црвено светло, возење со брзина над дозволената, неправилно паркирање и нерегистирани возило. Многу е важно да знаеме дека ние оваа придобивка на паметните камери ја имаме наназад 15 години. Министерството за внатрешни работи повеќе од 15 години ги користи во рамки на својата оперативна и криминалистичка дејност од аспект на откривање на сторен криминал. Секако дека камерите ќе бидат користени и за конкретни кривични дела кои што се потребни да се откријат, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој потенцира дека платниот налог ќе може да биде регулиран електронски, традиционално во банка или во било која полициска станица, како и на сите електронски апликации на банките.
„Ќе има и посебна апликација која што ќе биде изготвена од страна на МВР и ќе биде овозможена да се користи од страна на граѓаните, каде што со посебна заштита и автентификација на корисникот ќе се осигураме дека станува збор за таа личност дека ја користи апликацијата, ќе добие соодветни информации на меил адресата и на телефонскиот број што го оставила личноста и ќе може да се најави на предметната апликација. На таа апликација ќе може да се изврши уплата, да изврши увид на сите санкции кои се изречени итн.“, рече министерот Тошковски.