Директорот на СОЗР, Ивица Томовски денеска со вработените од возниот парк си ги честитаа празниците посакувајќи си искрени добри желби за новата 2026 година.
-Денес, по традиција, ги посетив колегите од Возен парк и заедно си ги честитавме Новата година и Божиќните празници. Искрена благодарност до сите оние кои тивко, но посветено, се грижат за нашата безбедност, објави Томовски.
Инаку Томовски информира и дека 2025 година била година на работа, ред и резултати.
-Во СОЗР работевме посветено, транспарентно и одговорно, водејќи се од законитост и домаќинско управување со државниот имот – во интерес на граѓаните и државата. Воведовме ред таму каде што го немаше, особено во Секторот за угостителство, каде што резултатите се јасни – приходите се зголемени за 500%, со воспоставен систем без привилегии и со еднакви правила за сите. По седум години запуштеност, повторно го заживеавме „Македонско село“, отворајќи нови можности за работа и развој на туризмот. Комплетно го реновиравме и Клубот на пратеници, кој денес е современ и достоинствен простор за државни и дипломатски настани. Со унифицирањето на регистарските таблици на службените возила направивме конкретен чекор кон поголема отчетност и намалување на злоупотребите, а во тек е и постапката за расходување на 104 неупотребливи возила, со цел обновување на возниот парк со функционални и потребни ресурси, истакнува директорот на СОЗР.
За следната година најавува дека продолжуваат со истото темпо – транспарентно, отчетно и домаќински, со фокус на резултати што оставаат трајна вредност за граѓаните и државата.