Македонија судење за Вања и Панче

Сведокот Плотников: Влатко Кешишов инсистираше да си одам од штабот

Прашан од обвинетиот Палчо дали при претресот било чудно однесувањето на полицијата, одговори дека не било чудно однесувањето на полицијата, туку на Влатко Кешишов. Прашан дали при претресот слушнал што бараат инспекторите со претресот, одговори не.

Сведокот Плотников: Влатко Кешишов инсистираше да си одам од штабот

Членови и симпатизери на политичката партија „Десна“ денеска во Основен кривичен суд Скопје сведочеа во врска со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тие споделија за нивниот ангажман во партијата, познанството со обвинетите и моментот на претрес на просториите на партијата.

Сведокот Ѓорѓи Џолев, претседател на Централниот комитет на политичката партија „Десна“, денеска образложи дека го донирал на партијата возилото „рено кангу“, кое било на име на неговата сопруга.

Прашан од која причина одлучил возилото да го даде на партијата, одговори дека нема конкретна причина.

-Ми беше полесно тоа возило некој да го користи од време на време, рече тој, посочувајќи дека тој повремено живеел во Исланд и немало кој да се грижи за возилото.

Тој денеска изјави дека со обвинетиот Љупчо Палевски се познава од 2017 година, додека, останатите од 2020 година и подоцна.

Одговарајќи на прашањата од обвинителката, рече дека со Палевски комуницирал на Вибер, телеграм и преку телефон. Појасни и како се сретнувал со обвинетите во партијата и рече дека во седиштето во Кисела Вода има забележано пиштол.

– Во штабот во Кисела Вода, во собата каде што спиеше Палевски, видов пиштол во футрола, темна боја, не прашав чив е, рече тој.

Прашан како се финансирала партијатаџ одговори со донации и чланарина. Во однос на финансиската состојба, рече дека врзувале крај со крај.

-Плаќав интернетот, сметки, купував дел од опремата. Претпоставувам дека донираа и другите, рече тој.

На прашањето кој од обвинетите бил најблизок со Љупчо Палевски, тој одговори дека тоа биле Велимир Манев и Влатко Кешишов.

-Дури имаа некој поданички однос што ми беше чудно зошто така се однесуваат. На пример, неколку пати сме се расправале со Палевски, сме повишувале тон, но кога ќе се повишел тон на некој од нив, тие не реагираа. Имаа чуден однос, рече сведокот.

Посочи дека тие денови се видел и со адвокатот Васко Стојков кој му кажал дека го однел Палчо на лекар, но не помни каде.

За лицето Стефан Димковски, за кого исто така се води постапка поврзана со овој случај, рече дека бил член на Комисијата за земјоделие и неколку дена пред тоа имале состанок.

-Со Стефан бевме договорени наредниот викенд, ако паѓа 2 декември дента кога имавме конгрес, наредниот викенд да одиме заедно на скијање, рече тој.
Дополни дека со Палевски преку телеграм комуницирале каде е, при што му кажал дека сака да ја среди кичмата.

Кога ја дознал информацијата за исчезнувањето на Вања, како што рече, го постирал тоа на Фејсбук.

-За Вања јас видов дека е исчезнато девојче и го постирав тоа на Фејсбук. Во полициска станица дознав дека има нешто. Видов по прашањата дека нешто има, но не знаев точно што има. Откако ме отпуштија отидов дома отспав, потоа отидов до полициска станица да прашам што се случува, па да го прошетаме кучето од штабот, па седнавме во Дион и потоа разбравме дека е пронајдено тело, рече тој.

Прашан дали откако го повикале во полициска станица комуницирале со Палевски, тој одговори дека немал никаква комуникација, само непосредно пред да влезе во полициската станица го известил каде е.

На прашањето дали на 22.11.2023 година во попладневните часови се видел со обвинетите, одговори „На 22 со Влатко со Велибор и со Боре не се видов, можно е да се видов со Палевски“. -Дента кога бев во штабот, не знам дали е 22, возилото не беше во штабот, рече тој.

Прашан дали на дали на 24.11.2023 година во утринските часови се видел со истите лица, одговори дека се видел со Палевски, но не и со останатите тројца обвинети.

На прашање од обвинетиот Палевски, дали на нивната средба во канцеларијата на „Десна“ на 22 разговарале за комбето, одговори да.

-Одговорот беше дека Велибор го земал возилото да го носи на поправка во Куманово, имал поефтино мајстор и рекол дека ќе го поправи, рече тој.

Претходно, сведочеше неговата сопруга Лита Кириќ во однос на донацијата на возилото.

-Тоа возило сопругот го користеше во фирмата за работа и кога ја затворивме тоа возило го ставивме на мое име. Кога се преселивме за Исланд, тоа возило седеше на паркинг, дадов полномошно на пријател на сопругот да го вози. Кога се вративме рековме дај да го регистрираме возилото да го дадеме на партијата да го користат за селењето, рече таа.

Сведокот Кирил Тренчевски, симпатизер на политичката партија „Десна“, зборуваше за неговиот ангажман во партијата при што посочи дека при сечењето во стариот штаб во Кисела Вода забележал две токи-воки станици.

Тој рече дека Кешишов го известил дека Палчо заминал за операција на грбот, а кога биле случувањата бил во партијата. -Очекувавме дека ќе дојде полиција во седиштето, рече тој.

Прашан дали знаел кој го возел возилото „рено кангу“, одговори не.

На вкрстени прашања од обвинетиот Палчо тој одговори дека при вршење на претресот полицајците не споменале што бараат и не го спомнале името на Палевски.

Сведокот Христијан Плотников, член и основач на партијата „Десна“, изјави дека го познава Палевски од 2017 година. -Тогаш кога го фарбаше Геровски, му дадов поддршка за тоа и оттогаш се знаеме, рече тој, додавајќи дека комуницирале со Палевски речиси секојдневно.

-Прво околу движењето Бојкотирам, после за Трета Република и на крајот за основање на партијата „Десна“, рече тој.

Сподели дека се познавал и со другите обвинети.

-Во периодот од септември 2023 ги гледав малку затоа што моите активности се доведоа на минимум, бидејќи запоставив фамилија, бев потрошен енергетски и му кажав и на Палчо и се назначија нови луѓе, рече тој.

Плотников зборуваше и за користењето на возилото, како и радиостаниците кои биле дел од опремата што ја имала партијата.

-Тие станици целиот период кога бевме беа во режија, стоеја на страна, на полњач, беа со прст прашина. Во моментот на селење не ги видов на новата локација во Веро Џамбо затоа што и многу други работи не видов од опремата, хаос беше селењето, рече тој.

Во просториите на штабот, како што дополни, немало пиштол, но Палчо поседувал пиштол.

-Палчо со себе носеше пиштол чисто од своја безбедност од моментот кога беше нападнат пред својот дом. Мислам дека е Валтер марка. Палчо го носеше покрај него, во фиока, на биро, на масиче, рече тој.

На прашањето дали бил во штабот на партијата на 29-30 ноември 2023 година, одговори дека последните денови одел во партијата, но не многу често.

Прашан дали на 22.11.2023 и на 24.11.2023 бил во партијата, рече дека не се сеќава конкретно. -Тие денови сум одел, но со сигурност да ви кажам кои денови, не можам, рече тој.

Прашан дали откако излегол од полициска станица, се видел со други лица од партијата, одговори да. -Се видов со Џоле и со Васко, бевме збунети за целата ситуација, рече тој. Потоа, како што дополни, и покрај инсистирањето на Влатко Кешишов да си оди од штабот, дека сѐ е во ред, останал таму цело време. Појасни дека адвокатот Васко му кажал дека го однел Палчо во Белград на лекар и тој се вратил назад.

Во однос на прашањето дали се познава со Стефан Димковски, одговори да. Прашан од обвинетиот Палчо дали при претресот било чудно однесувањето на полицијата, одговори дека не било чудно однесувањето на полицијата, туку на Влатко Кешишов. Прашан дали при претресот слушнал што бараат инспекторите со претресот, одговори не.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. (МИА)

To top