Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа својот празник со свечена седница на Советот, на која беа презентирани постигнатите резултати и идните визии за развој на општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски во своето обраќање истакна дека општината во изминатиот период потврдила дека со визија, заедничка работа и обединетост може да се гради стабилна, одговорна и современа локална заедница.
-Делата зборуваат најгласно – ова е нашата заедничка приказна за успех-нагласи Стојкоски, презентирајќи дел од реализираните проекти:
- 150 нови и реконструирани улици
- Нова спортска сала во Хром
- Осум нови спортски терени
- Нова општинска зграда – центар на услуги за граѓаните
- Реконструирана улица „Радушка“
- Реконструкција на училиштето во Кучково – регионален центар за деца херои
- Нова детска градинка во Стопански двор
- Пречистителна станица во Орман
- Бесплатна градинка и оброци за децата на бранителите
- Нов локален пат Волково – Орман
-Сето ова е само дел од нашиот заеднички успех, темел за уште поголем развој“, истакна градоначалникот.
Стојкоски упати голема благодарност до Советот на Општина Ѓорче Петров за сите мудри и конструктивни одлуки во интерес на граѓаните, како и до сите општествено одговорни фирми и поединци кои со својата поддршка придонесуваат за напредокот на општината.
На свеченоста беа доделени и годишни признанија. Годишната награда на Општина Ѓорче Петров му беше врачена на доктор Боро Јончев, а беа одликувани и ученици, како и добитници на признанија за својот придонес во развојот на локалната заедница.
-Пред нас е нов мандат – исполнет со уште поголеми визии, посветеност и љубов кон Ѓорче Петров. Нашата цел е јасна – модерна инфраструктура, силна економија, среќни семејства и задоволни граѓани – порача Стојкоски.
Свечената седница заврши со заедничка порака за единство и заедништво:
-Заедно, со толеранција, соработка и љубов кон Ѓорче, ќе продолжиме да ја пишуваме историјата на нашата општина. Честит празник! Да живее Ѓорче Петров – симбол на борбата, развојот и нашиот сон за подобра иднина – подвлече Стојкоски во своето обраќање.
На седницата и предходеше положување цвеќе пред споменикот на патронот на Општината, револуционерот Ѓорче Петров.