Америка на чело со претседателот Доналд Трамп и на внатрешен и на надворешен план е дојдена до точка од која нема враќање. Контурите на новиот светски поредок се гледаат и сега на светската јавност ѝ се дава можност, историска можност, секојдневно во живо и со слика да ги гледа конфронтациите не само на ривалите туку и на сојузниците. Особено на некогаш прокламираното цврсто евроатлантско партнерство, кое никогаш не било забетонирано, анализира Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Сето ова ќе го гледаме и на сцената и зад сцената на 56. Годишен светски економски форум во Давос, Швајцарија, каде што главна ѕвезда ќе биде Трамп, кој доаѓа со свој голем тим. Меѓу нив е државниот секретар Марко Рубио, а за Македонија е интересно што таму ќе биде и министерот за трговија Хауард Лутник, кој има блиски врски со премиерот Христијан Мицкоски и со луѓе од неговиот периметар. Можни се сериозни разговори во заднина. Секако дека доколку се случи средба на тоа ниво, тоа ќе биде можност и да се разменат мислења за процесот на „суверенизација“ на Македонија по катастрофалниот пораз на СДСМ и нејзината коалиција со концептот за глобалистички измеќари и урнисување на државниот суверенитет, како и за процесот на чистење на структурите на глобалистичката длабока држава вкоренета во македонското општество. Ова не е само прашање на микротерен туку се вклопува и во глобалната слика што ќе имаме можност да ја видиме во Давос.
Тие што мислат дека Трамп ќе се повлече од своите планови американската империја да ја прошири и подалеку од границите на Монровата доктрина се чини дека не ги разбрале стратегијата и доктрината на која се потпира МАГА (Make America great again). Оттука, нашите процени се дека нема да биде можен цврст консензус ниту за Гренланд ниту за други прашања во рамките на НАТО и пошироко меѓу евроатлантските сојузници. Зошто? На масата на Трамп како територија за запоседнување е и Канада, што е плус причина за конфронтации.
Економските „базуки“ односно трговска мини-војна со царини меѓу ЕУ и САД доволно говорат за тензиите. Да не заборавиме дека ЕУ претставувана од Европската комисија под силен притисок на Вашингтон постигна трговски договор со САД, а сега папсаните европски економии на врат имаат и закана со царини и до 20 отсто. Дали ЕУ ќе може да го издржи тоа? Пораката со која Трамп доаѓа во Давос е дека му треба Гренланд и тој стратегиски потег е во духот на Националната безбедносна стратегија објавена кон крајот на 2025 година. Теориите дека со тоа Трамп ќе им ја даде Европа на тацна на Русите не се издржани затоа што ЕУ денес е мобилизирана со сите сили да се конфронтира со Русија, па дури и се подготвува за директен воен судир. Некаква отстапница за ЕУ не се гледа на видикот и можеби многу брзо ќе видиме како изгледа да се земе една територија, во случајот Гренланд, која и не е баш суверена.
Ова ќе биде европскиот бумеранг за сето она што го правеше во изминатите стотина години, па и побрутално од потезите на Трамп, кога си делеа територии, создаваа држави, ограбуваа колонии како светот да е нивен. Македонија повторно ќе ја земеме за пример и само ќе ги наредиме таксативно сите таканаречени договори што беа на нејзина штета – Лондон, Букурешт, Версај, Сан Стефано, Лозана… каде и се ампутирани територии и кога нејзиното компактно население е насилно преселувано, особено од егејскиот дел на Македонија, па до Преспанскиот договор, каде што е турнат во зандана нејзиниот суверенитет. Да искористиме можност тука и од ова место да ја прашаме Европа како ја толерира Бугарија денес, во 21 век, за свој национален ден да го слави 3 март (1878), кој е ден кога всушност тогашна Царска Русија и прогласува држава, која се протегала (само на мапа) и до Јадранско Море? Држава што траела само три дена!
МАКРОН НА СУВЕРЕНИСТИЧКИТЕ РАДАРИ
Темата на годинешниот собир во Давос, каде што се очекува таканаречената „светска елита“ претставена од околу 3.000 претседатели, премиери, бизнисмени, директори…, е „Духот за дијалог“, и тоа доволно говори до каде е стасана идејата на Клаус Шваб, основачот на СЕФ, за „четвртата глобализација“. Секако дека сега ќе биде наметната нова дефиниција за тоа што е дијалог, а тоа ќе значи престројување на глобалистичките корпорации и мултинационални компании. Најавено е дека токму Шваб нема да дојде во Давос и, доколку е така, веројатно тој не сака да биде сведок на „убиството на неговото чедо“.
Во Давос радарите особено ќе бидат насочени во сферата на движење на францускиот претседател Емануел Макрон, кој се гледа како европска перјаница во конфронтацијата со американскиот империјалистички поход. Тој го одби предлогот на Трамп и Франција да биде дел од Мировниот совет за Газа (Британецот Стармер уште размислувал). Дали главна причина е тоа што Трамп истото барање го упатил и до Путин? Можно, но сепак француско-американското пријателство не го расипа Трамп, туку тоа го почна неговиот претходник Џо Бајден, кој пред нос му го зеде големиот проект што Французите го имаа со Австралија за изградба на подморници. Франција изгуби милијарди, а Вашингтон го направи мини-пактот АУКУС (Австралија, Америка и Обединетото Кралство) и им вети на Австралијците нуклеарни подморници. Ќе се градат во близината на Аделаида, каде што САД имаат голема воена база. Инаку, да потсетиме на моментот кога Трамп беше лани во Париз на отворањето на обновената „Нотр Дам“ и неговиот говор на телото, кој изразуваше дека нема хемија меѓу него и Макрон. Американскиот претседател бара нов партнер во француската политика – Ле Пен и Бардеља. Исто како и во Германија – лидерството на АфД.
Уште една цртичка за конфронтацијата меѓу МАГА и глобалистите – лидер на СЕФ е Американецот Лери Финк, коосновач на „Блекрок“, најголемата светска компанија за управување со финансиите тешка околу 10 трилиони долари, фирма што се смета за еден од светилниците на глобализмот и беше една од клучните во мрежата на Шваб. Финк не се согласува со методите на Трамп и не многу одамна обвини дека „протекционизмот ја покажува силата“.
Атмосферата е таква што се налага прашањето кој ќе се лизне во Давос. Глобалистите на свој терен или ризикот на Трамп со сојузниците да скија на теренот на глобалистите? Сите ножеви се извадени!
МОЛИТВАТА ДО ТРАМП
Пред да пристигне во Давос, Трамп имал телефонски консултации со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, а главна тема бил Гренланд. Пораката до Руте била дека Гренланд е прашање од највисока важност за американската национална безбедност, но и за светската. Уште еден доказ за намерата на Американците да го имаат Гренланд под свое. Потоа, повторно преку Трамп, е објавена порака од Макрон до него, која, според „Политико“, ја потврдил официјален извор од Париз. Макрон, во текстуална порака што Трамп ја направил на екранот на социјалните мрежи, наводно му пишал на американскиот лидер: „Пријателе мој, ние сме целосно во согласност со Сирија. Можеме да направиме големи работи со Иран. Не разбирам што правиш со Гренланд. Ајде да се обидеме да изградиме големи работи“, додал Макрон, при што е јасно дека се обидува да го придобие Трамп. „Можам да закажам состанок на Г7 по Давос во Париз в четврток попладне. Можам да ги поканам Украинците, Данците, Сиријците и Русите на маргините. Ајде да вечераме заедно во Париз в четврток пред да се вратиш во САД. Емануел“.
Во Давос ќе имаме можност да видиме вистински двобој меѓу двете спротивставени идеолошки концепции – суверенистите и глобалистите. Ќе ја видиме новата мапа на западната хемисфера во која нема ни трошки за ЕУ. Оваа линија на конфронтации се очекува да продолжи по еден месец во Минхен на безбедносната конференција. Минхен, местото каде што пред една година Џеј Ди Венс им порача на Европејците дека тие се виновни за војната во Украина, дека тие се извор на безбедносни и финансиски проблеми. Така денес изгледа Европа со новиот шеф во Вашингтон – уште во потрага по свој нов идентитет, разединета, Европа што само со сила и закани го одржува европскиот проект во живот.
Дојде ли време со цинизам да заклучиме дека Европа треба што поскоро да изгради споменик на двојните стандарди среде Брисел, споменик како симбол на европското пропаѓање, и да тргне во новото време? Ние мислиме дека – да!