Македонија

Судскиот совет формираше комисија за изработка на ориентациона норма на предмети за судовите

Судскиот совет формираше комисија за изработка на ориентациона норма на предмети за судовите

Судскиот совет на денешното продолжение на 537-та седница разгледа повеќе претставки поднесени од граѓани и правни лица за работата на судии и судови. Воедно, на седницата беше формиран и комисија за изготвување предлог-одлука за утврдување ориентациона норма на предмети за сите судови составена од членовите Антоанета Димовска, Садула Изаири и Павлина Црвенковска.

Советот ја усвои претставката која се однесува на повеќегодишно доцнење во донесување судска одлука на судија од Основен суд Охрид, иако расправата во предметот била завршена пред повеќе од две години. Усвоена беше и претставката на осигурителната компанија „МАКЕДОНИЈА осигурување АД Скопје Виена Иншуренс Груп“ против Апелационен суд во Битола, односно судиите кои учествувале во втор степен, што укажува на неправилности во постапувањето на второстепен суд, при што, според наводите, со непримена на одредби била донесена незаконита одлука.

Останатите разгледани претставки беа оценети како неосновани. Дел од нив се однесуваа на наводна неправда во постапките поврзани со ослободување од заложно право, како и на незадоволство од навремено доставување на пресуди во кривични и граѓански предмети.

На седницата под точка разно беа разгледани и други прашања од тековното работење, меѓу кои приговор за распоредот на работа во Управниот суд за 2026 година, за кој Советот одлучи да биде препратен до надлежната општа седница на Врховниот суд.

Советот го усвои и предлогот за престанок на правото на надоместок за одвоен живот на еден од членовите на Советот, а беше констатирано и исполнувањето на условите за пензионирање на судија од Основен суд Струмица.

Судскиот совет на првиот дел од оваа седница вчера ги разгледа кварталните извештаи за ажурноста на судовите за четвртиот квартал од 2025 година и се осврна и на системските проблеми во судството, меѓу кои недостигот на кадар и финансиски средства, што, како што беше оценето, влијае врз квалитетот на правораздавањето.

Најнови вести од Македонија

To top