Судскиот совет на денешната седница го усвои извештајот за работата на ова тело за 2023 година. Извештајот, кој ќе биде доставен до Собранието, меѓу другото, содржи и информации за кадровската и материјално финансиската состојба во судството, како и оценки на работата на судиите во однос на квалитетот и ажурноста во работата.
Извештајот ги содржи и препораките на Оценската мисија кои се усвоени во Акцискиот план на ова тело, како и препораките од Извештајот на ЕК, кои се оценети како приоритетни за реализација во наредниот период во насока на заштита на интегритетот и независноста и зајакнување на транспарентноста и одговорноста на судовите и судиите.
По усвојувањето, Годишниот извештај за 2023 година треба да биде објавен на веб- страницата на Судскиот совет.
– Ова е еден од поважните извештаи, бидејќи 2023 беше многу тешка година за Судскиот совет. Јас се надевам дека 2024 година ќе биде многу успешна за Судскиот совет за да ја покриеме 2023 година, рече претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева и побара од членовите на Советот сугестии како тоа да се постигне во делот на имплементацијата.
На седницата беше донесена Одлука за утврдување на ориентационен број на предмети што судиите треба да ги решаваат на месечно ниво во основните судови, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд за 2024 година.
За Врховниот и Вишиот управен суд останува истата норма како и лани, за Управниот суд се предлага намалување на бројот на предметите, кај апелациските судови исто така се предлага промена, односно намалување на ориентациониот број на предмети. Кај основните судови останува бројката како и лани, со исклучок за КЖ предметите каде ориентационата норма се зголемува од 15 на 20 предмети.
Судскиот совет исто така донесе одлука за престанок на функцијата на судијата Анкица Димитровска од Основниот суд во Крива Паланка, поради исполнување на услови за старосна пензија, а донесена беше и одлука за престанок на функцијата на судијата поротник Светлана Ѓоргиевска од Скопје поради истек на мандатот.
Судскиот совет одлучи да се одбие приговорот на Кети Германова, судија во Основниот суд Скопје против одлуката донесена од страна на претседателот на тој суд – со која од одделот на предмети по имотни спорови, е прераспределена во одделот за работни спорови во Граѓанскиот суд во Скопје за период од една година, заклучно со март, 2025 година.
За останатите две точки, бидејќи може да биде доведен во прашање интегритетот на судија, седницата продолжи зад затворени врати. Станува збор за одлучување по известувања за утврдена фактичка состојба по поднесени барања за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд и за Одлучување по Известување за итност на постапка по Извештај за констатирана состојба по поднесено барање за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд.