Уставниот суд на денешната седница одлучи да не се поведува постапка, односно да не се оценува уставноста на членот 1 и член 2 став 1 зборовите „како и за изградба на градби од стратешки интерес“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за екпропријација.
– Не се поведува постапка за член 10 став 4 во делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, информираат од Уставниот суд.
Предметот У.бр.138/2023 за Законот за урбанистичко планирање е повлечен од денешната седница поради, како што велат од Судот, доработка на рефератот и испитување на дополнителни околности. Предметот ќе биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници.
Целосни информации Уставен суд на Македонија:
Oспорен: Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република С. Македонија“ бр.111/2023).
Подносител на инцијативата: Хелсиншки комитет за човекови права од Скопје
У.бр.139/2023 и 182/2024
Подносител на иницијативата(139/2023): Уранија Пировска, Извршен директор на Хелсиншки комитет за човекови права
Оспорен(139/2023): член 1 и член 2 став 1 зборовите: „како и за изградба на градби од стратешки интерес.“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за екпропријација.
Оспорен (182/2024): член 10 став 4 во делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република С. Македонија
Подносител на иницијативата(182/2024):Жарко Стеваноски, адвокат од Прилеп
Од аргументите при дискусијата и одлучувањето:
Уставниот суд одлучи да не поведе постапка, односно да не ја оценува уставноста на членот 1 и член 2 став 1 зборовите „како и за изградба на градби од стратешки интерес.“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за екпропријација.
Судот не ги прифати наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорените одредби се повредува членот 8 став 1 алинеја 3 и 6, член 9 став 2, член 30 став 3, член 50 став 1 и 2 и член 51 од Уставот.
Уставниот суд оцени дека e неосновано тврдењето дека терминот „градби од стратешки интерес” е недефиниран, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од национално или стратешко значење доведува до правна несигурност.
Исто така според Судот неосновано е тврдењето дека со оспорените одредби се повредува уставно-загарантираното право на граѓанинот да бара судска заштита на своите права, бидејќи градбите од стратешки интерес сами по себе не може да претставуват основ за ограничување на правото на граѓаните да побараат судска заштита за одложување на експропријацијата или одземање на владението како едно од овластувањата кои произлегувале од правото на сопственост.
Судот при расправата и одлучувањето утврди дека веќе има заземено став дека Собранието има уставен основ со специјален закон да уреди посебен правен режим за постигнување на легитимна цел, во предметот во кој претходно беше оспорен Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (Делница: Тетово-Гостивар-Букојчани и Проектот за Автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и Коридорот 10д (Делница на Автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија.
Во наведениот закон, кој веќе го има поминато филтерот на уставноста, Законодавецот точно утврдува што е јавен интерес, го издигнал на ниво на стратешка важност и предвидува за кој дел од постојната законска регулатива во целост или делумно нема да се применува за да може да се олесни реализацијата на стратешкиот проект.
Легитимната цел на Законодавецот претставува реализација и заштита на вредности коишто ги афирмира Уставот. Според член 56 став 1 од Уставот, добрата во општа употреба какви што несомнено се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и други градби од јавен интерес кои се реализират како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон претставуваат добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според членот 57 од Уставот, Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја. Ваквите уставни вредности се нераскинливо поврзани и меѓусебно условени со цел корпус на економски права кои произлегуваат од Уставот.
Општествената оправданост и стратешките интереси произлегуваат од реалната состојба во Републиката во поглед на патната инфраструктура, безбедноста на патиштата, регионалното поврзување, регионалниот развој, регионалното поврзување со паневропски коридори и импликациите односно последиците од таквата состојба во економската реалност во државата.
Овие уставни вредности го оправдуваат јавниот, односно стратешкиот интерес на државата.
Согласно претходната уставно-судска практика Судот оцени дека не се повредува правото на сопственост, бидејќи се предвидува заштита на сопственоста на недвижнста на начин и со закон е обезбеден надоместок на штета како и судска заштита.
За прашањето на членот 9 од Уставот со кој е предвидено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, Судот претходно во бројни случаи има заземено став дека повреда на принципот на еднаквост може да се утврди само во случај на нееднаков третман на граѓаните кои се во иста фактичка и правна положба во ист правен режим, но не и кога станува збор за различни правни режими.
Дополнително при расправата за предметот 182/2024, Судот утврди дека веќе има заземено став за т.н. Закон за утврдување на стратешки партнер за Коридорите 8 и 10, согласно кој, Собранието има уставен основ со специјален закон да уреди посебен правен режим за постигнување на легитимна цел. Судот во тој предмет утврди дека законот во целост е во согласност со уставните одредби со кои беше оспорен од подносителот на иницијативата, односно Судот го имаше предвид фактот дека кога станува збор за предмети од стратешка важност кои се утврдени со закон, дел од постојната регулатива во целост или делумно нема да се применува за да се олесни реализацијата на стратешкиот проект, што значи Законодавецот има право и овластување со законски измени во повеќе закони да воспостави нов правен режим за такви проекти чија стратешка важност и јавен интерес е претходно утврден во законскиот интерес за градби.