Здравјето на бубрезите не е одговорност само на лекарите – тоа е одговорност на целото општество. Информирањето, превенцијата и раната дијагноза можат да спасат животи и да го подобрат квалитетот на животот на милиони луѓе. Тоа го порача денеска Јетмир Зиба, директорот на Специјализираната болница за нефрологија – Струга по повод Светскиот ден на бубрезите – 12 март, кој годинава се одбележува под мотото „Здрави бубрези за сите: Грижа за луѓето, заштита за планетата“.
Тој упати апел за редовни контроли и лабараториски иследувања, посебно за пациентите кои спаѓаат во ризичните групи, со дијабетес и хипертензија за рано откривање на болести кај бубрезите.
– Оваа болест често се нарекува „тивка“ или „подмолна“, бидејќи во многу случаи се развива без очигледни симптоми подолг временски период. Токму затоа многу луѓе ја откриваат дури кога болеста веќе напреднала. Во крајната фаза на болеста, кога бубрезите веќе не можат да ја извршуваат својата витална функција, преживувањето зависи од еден од модалитетите на бубрежна заместителна терапија, како што се: хемодијализа, перитонеална дијализа или трансплантација на бубрег, изјави Зиба.
Во повеќе случаи, додаде, бубрежната болест е поврзана со други хронични заболувања, како дијабетес, артериска хипертензија, повторливи инфекции на бубрезите и уринарниот тракт, дебелина…
Превенцијата и грижата против бубрежните заболувања, според него, може да го забави или запре напредувањето на болеста.
Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на бубрезите, Специјализираната болница за нефрологија – Струга, реализираше низа активности за подигање на свеста кај граѓаните за здравјето на бубрезите. Објектот беше осветлен 24 часа, како симбол на подигнување на свеста и поддршка, а денеска низ градското шеталиште граѓаните ќе имаат можност да слушнат совети и препораки од лекарите, ќе се мери крвен притисок и шеќер и ќе бидат поделени едукативни флаери. Пациентите што одат на хемодијализа во дворот на Болницата ќе засадат дрвца, а на оние кои повеќе од 30 години одат на дијализа им биде врачена благодарница како гест на поддршка и благодарност за довербата што кон институцијата. Во оваа Здравствена установа над 100 пациенти редовно одат на хемодијализа.