Македонија ВМРО-ДПМНЕ

Струмица како Колумбија, над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма блиска на СДС и Зоран Заев

Струмица како Колумбија, над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма блиска на СДС и Зоран Заев

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека скандалот со запленетата дрога во Струмица, според нив, претставува еден од најсериозните случаи поврзани со организиран криминал во земјава и побара итна и целосна истрага од страна на Јавното обвинителство.

Од партијата тврдат дека над две третини од вкупно запленетите 27 тони дрога се поврзуваат со фирмата „ЦБД Медплант“, која формално е регистрирана на име на Христијан Котев, а, според наводите на ВМРО-ДПМНЕ, фактички била контролирана од неговиот татко Тони Котев – М’гчев, поранешен претседател на општинската организација на СДС во Ново Село.

Според соопштението, фирмата во периодот од 30 јуни до ноември 2025 година наводно испорачала околу 19 тони марихуана кон фабрика во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ посочува дека Котев има бизнис-врски со лица блиски до семејството Заеви.

Партијата потсетува дека лиценците за одгледување марихуана за медицински цели во 2020 година биле доделени од тогашната влада предводена од СДС, на чело со Зоран Заев, и министерот за здравство Венко Филипче. Според нив, лиценци добиле фирмите „Еко Енерџи-Космос“ од Ново Село и „Лајтинг Лукс“ од Струмица.

„Медицинската марихуана била користена како параван за организиран криминал од огромни размери“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека уште тогаш предупредувале дека лиценците не се доделуваат согласно закон, туку по партиска и семејна блискост.

Во соопштението се поставуваат и прашања за можната улога на поранешниот премиер Зоран Заев и неговиот брат Вице Заев во овој случај, како и зошто, според тврдењата на партијата, Зоран Заев лично се интересирал за предметот преку контакти со Царинската управа.

„Секој картел, без разлика колку долго бил заштитуван, на крај паѓа“, се наведува во соопштението, при што ВМРО-ДПМНЕ бара Јавното обвинителство итно да отвори целосна истрага и да утврди одговорност.

Најнови вести од Македонија

To top