Денес на повеќе локации низ нашата општина, придружуван од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник од ИЕ 2 Владо Мисајловски и пратеникот Бојан Стојаноски, се сретнавме со најразлични категории граѓани, информира градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
-Разговаравме за проекти, а слушнавме и продуктивни предлози за подобрување на животот на нашето Ѓорче. Секогаш е задоволство да се помине денот меѓу своите сограѓани кои се неуморни со нови идеи за урбана и модерна општина.
Денот го започнавме во црквата „Петар и Павле“ каде се помоливме за здравје на сите граѓани. Почнувајќи го денот во овој храм, испративме јасна порака дека вербата во Бога е верба која не носи низ сите животни и работни предизвици. Успехот е заслуга на сите нас, но со Божја волја.
Во попладневните часови ни се придружи министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски со кој во реонскиот парк остваривме средба со пензионерите од Ѓорче Петров.
На оваа категорија граѓани сум особено горд поради нивната енергија и желба за промени, иако се во трето доба. Разговаравме на повеќе теми кои се од заеднички интерес со договор во иднина да продолжиме да работиме на нивна социјализација и еднаквост во секој сегмент од општеството.
Продолжувам да се залагам со уште посилна динамика, водејќи еднаква грижа за сите пензионери. Досега забележавме повеќе заеднички успеси, а бев и ќе останам нивна поддршка и на сите следни нивни настани.
Општина Ѓорче Петров на претставниците на повозрасната популација без финансиски надомест неодамна им отстапи две простории за работа во старата општинска зграда.
Во иднина продолжуваме со поддршка за опремување на пензионерските клубови.
Во план е и изработка на социјална карта на пензионери која ќе ни помогне да ги дефинираме приоритетите и тоа им беше претставено на моите сограѓани во паркот.
Улицата „Радушка“ беше наша следна локација каде извршивме увид во поставувањето фекална канализација на крак 4, проект кој најавува наскоро заокружување на целосната реконструкција на оваа улица во Дексион.
Го посетивме и едно од игралиштата кое беше целосно реконструирано, односно теренот за баскет во ООУ „Мирче Ацев“. Во ова училиште ја реконструиравме и спортската сала, а во најава се и други капитални проекти кои ќе ги подобрат условите за спортување во Ѓорче Петров.
Ѓорче Петров дефинитивно добива нова современа димензија. Со победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори, уверен сум дека заеднички и со динамично темпо ќе продолжиме со реализација на значајни проекти кои ќе донесат добро за сите нас.
Време е за промени!