Изминативе години не се реализираа никакви капитални инвестиции, особено во инфраструктура, а таа е многу важна за економски рестарт и економски бум кој тимот на ВМРО-ДПМНЕ сериозно го планира и има визија како да го оствари, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната дебата „Платформа за иднина – Економски принципи“ во рамки на кампањата Важно е! Од тебе зависат промените“.
Стојаноски потсети дека од оваа власт лажеа дека направиле 1.500 километри патна мрежа, 500 километри автопатишта, а автопатот од Охрид со Кичево и тој од Скопје до Блаце се споменици на нивната неспособност.
-ВМРО-ДПМНЕ ќе го заврши автопатот од Кичево до Охрид кој е споменик на неспособноста на оваа криминална влада која прво лажеше за трасата, па за клучки, ама можеа да склучат анекси кои ја дуплираа проценетата вредност, пари кои се потрошени, а автопатот се уште не е мрднат. Исто така ВМРО-ДПМНЕ ќе го заврши автопатот од Скопје до Блаце кој е околу 15 километри, тие пет години градат 2 километри, потрошија 38 милиони евра, а патот не е мрднат. Ќе почнеме со физичка градба на делницата од Тетово до Гостивар, комплетно нов автопат, ќе продолжиме од Гостивар до Букојчани со што практично ќе се поврзе Гостивар со Кичево преку довршениот автопат Кичево Охрид и потоа од Требеништа, Струга до граничниот излез до Ќафасан, истакна тој.
Стојаноски нагласи дека тоа значи дека од Скопје до Охрид и Струга ќе има комплетно нов автопат кој ќе придонесе за економски развој и посочи дека ќе се работи и во останатиот дел од Македонија.
– Ќе го завршиме и оној автопат кој се најавува сега од Прилеп кон Битола, но ќе почнеме и со проектирање на две нови делници, од Велес преку Чашка до Прилеп како и од излез од Битола од Меџитлија и ќе се заокружи да од Скопје до Грција ќе има комплетно нова автопатска делница. Ќе ги напоменам и трите делници од експресните патишта, од Градско до Прилеп, од Куманово кон Крива Паланка и Струмица кон излезот со Бугарија, изјави Стојаноски.
Стојаноски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја заврши и пругата до Бугарија, а ќе продолжи и да ги субвенционира евтините летови.
Ќе се модернизира и дигитализира катастарот, ќе се бустира секторот градежништво за 30%. Ќе има 30% повеќе работници, 30% поголема плата и Македонија ќе стане огромно градилиште. ВМРО-ДПМНЕ во мандатот ќе успее да отпочне со изградба, ќе дозаврши и ќе допроектира над 120 километри автопатна мрежа, изјави Стојаноски.