Нов ден, нов скандал. Владејачкото мнозинство си продолжува по старо или како што би рекле тие, „како и до сега“. Повторно се туркаат насила и набрзина закони во Собранието со европско знаменце, по скратена постапка, закони со кои повторно се врши упад и се прави обид за финална партизација на администрацијата, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Имено, во секој момент треба да започне Комисијата за европски прашања каде што на дневен ред се закони кои оваа власт и владејачко мнозинство сака да ги протне набрзина, без широка и јавна дебата и дискусија, притоа вршејќи груба злоупотреба на европско знаменце иако навистина нема никаква потреба за истото. Пред малку, токму за оваа злоупотреба и нетранспарентност на власта, преку свои соопштенија и писма реагираа и најголемите синдикати во државата, ССМ, УПОЗ и КСС каде јасно го искажаа својот револт и незадоволство преку конкретни забелешки, но и упатија барање за итно стопирање на целата постапка и одржување на јавна расправа за овие закони. Ова е огромна реформа, ова се важни и крупни закони кои не може и не смее да се носат на овој начин, вака набрзина и нетранспарентно особено во мандат на техничка Влада. Токму затоа, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како најголема и најбројна пратеничка група во Собранието, јавно упатува поддршка на синдикатите и се приклучува на нивните барања за итно запирање на целата постапка на носење на овие важни закони“, вели Стојаноски.
Тој додава дека бараме итен прекин на оваа расправа и донесување на заклучок за одржување на јавна расправа во најбрз можен рок, каде што би биле присутни пратеници од опозицијата, претставници од синдикатите, професори, стручната фела и јавноста.
„Ова се важни закони за кои мора да има консензус и мора да се слушнат различни мислења и предлози. За таа цел, апелираме до власта да преовладее разумот и да ги прифати нашите барања и барањата на синдикатите бидејќи тоа е единствениот начин со кој ќе дојдеме до законски решенија кои нема да бидат штетни и ќе бидат во интерес на граѓаните. Во спротивно, доколку власта продолжи да ги игнорира овие барања, ќе сметаме дека на крајот од својот мандат, власта свесно сака да создаде дополнителен хаос и безредие во администрацијата и државната управа, како и да ја озакони својата намера за допартизација на и онака веќе партизираната администрација“, додава Стојаноски.