Во тек на вчерашниот и денешниот ден (23 и 24.10.2024) во Софија се одржува Министерска конференција на земјите членки на Салзбуршкиот форум и на Групата пријатели од Западен Балкан и Молдавија. Темата на конференцијата е „Применување на пристапот што ја опфаќа целата должина на рутата во борба против криумчарењето мигранти“.
На работната сесија 3 на форумот која е во проширен формат, на генералната тема на конференцијата свое обраќање имаше и македонскиот претставник Ристо Ставревски, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Република Северна Македонија со својата географска положба во срцето на Балканот претставуваше неодминлив дел од миграциската рута, рече Ставревски.
„Само во 2015 година транзитираа близу 700.000 мигранти, што, верувам ќе се сложите е голем предизвик и за многу поголеми држави од Република Северна Македонија со своите 2,2 милиони жители. За сериозноста на ситуацијата говори фактот дека во државата влегуваа огромен број на мигранти, во одредени денови и преку 10.000 дневно“, потсети Ставревски.
Ставревски нагласи дека спроведувањето на реформите во областа на миграцијата и азилот на ниво на Европската Унија, односно на Пактот за миграции и азил на ЕУ, Акцискиот план на ЕУ против криумчарењето мигранти е условено со синергизирање и синхронизирање на соработката помеѓу Европската комисија, земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан.
„Првиот чекор кој мора да го направиме за да се поместиме од мртвата точка на која еве ние – земјите од Западен Балкан регистрираме и внесуваме податоци за илегални мигранти во наши бази за податоци кои немаме со кои други бази на податоци да ги споредиме и да провериме дали одредено лице веќе еднаш се обидело да премине и да влезе на територија на друга држава за да го продолжи патот кон земјите членки на Европската унија“, нагласи Ставревски.
Ставревски на крај уште еднаш потенцираше дека Пактот за азил и миграција и активностите кои следат и кои треба да ги спроведат сите ЕУ земји ќе биде неефективен ако не се спроведува паралелно или барем во соработка со земјите од Западен Балкан.