Македонија

Старите лични карти без „Северна“ ќе важат и за патување во земјите со кои Македонија има билатерални договори

Старите лични карти без „Северна“ ќе важат и за патување во земјите со кои Македонија има билатерални договори

Македонските граѓани ќе можат да патуваат во странство со старите лични карти на кои стои името Република Македонија. Тие ќе важат и ќе може да се употребуваат до датумот на нивното истекување. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ги потсети граѓаните, дека мора да поседуваат нови возачки, како и пасоши со уставното име.

„Личните карти важат согласно важечкиот втиснат датум во нив. Истите нама потреба да се менуваат доколку има важечки рок на датумот кој што е ефективен моментално. Согласно она кое го имаме како искуство досега врз основа на важечка лична карта апсолутно дека може да се излезе од територија на Македонија во рамки на оние држави со кои што имаме склучено билатерални договори. Заради тоа што предметната личната карта може да стане неупотреблива само доколку тоа го констатира државата со закон или друг акт“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тошковски објасни дека граѓаните не треба да сносат туѓа вина, мислејќи на неодговорното однесување на македонските политичари во минатото. Тој упати апел до полициските службеници, да имаат разбирање за граѓаните кои се уште не извадиле нова возачка и да им дадат период на адаптација, во кој нема да ги казнуваат, туку само ќе ги опоменат. За проектот „Безбеден град“ Тошковски повтори дека останува приоритет на МВР и дека ќе биде ставен во функција во текот на годинава. За таа цел веќе се изготвува нов предлог – закон.

„Ветив дека во текот на 2025 година ќе имаме имплементиран проект. Тоа значи дека освен што ќе треба да ги инсталираме камерите, да ги поврземе со потребните оптички кабли, да ги обезбедиме сите потребни дозволи за сето тоа, ќе треба да промениме и законска легислатива, ќе треба да ги подготвиме и судовите и УЈП во делот на спроведување на постапките. Ќе треба еден поширок институционален пристап да се име, тоа го работиме во моментов. Се изготвува ново предлог законско решение“, рече Панче Тошковски.

Ставањето во функција на проектот „Безбеден град“ ќе значи крај на дивеењето по улиците, затоа што секој што не го почитува законот ќе биде казнет, а дисциплинираните возачи ќе може мирно да спијат. Тошковски се надева, дека во текот на годинава, освен во Скопје, Куманово и Тетово, проектот ќе се профунционира на територијата на цела Македонија.

Инаку денеска Тошковски во општина Желино ја отвори новата канцеларија на МВР, во која тамошните жители кои се околу 30.000 ќе можат полесно да ги остварат своите права во делот на фотографирање за лична карта, возачки дозволи и пасоши.

Најнови вести од Македонија

To top