Средношколецот Илија Долев од кавадаречкото село Бегниште прв дојде до светиот крст положен во водите на Тиквешкото Езеро, втора по големина вештачка акумулација во државата.
– Имам 17 години, учам во средното електро – техничко училиште во Кавадарци. Вторпат на овој голем празник Богојавление – Водици, се обидов прв да дојдам до светиот крст положен во езерските води и успеав. Последен скокнав од брегот, но, успеав. Се надевам дека ова ќе ми донесе многу среќа во животот, изјави тој за МИА.
Долев доби подароци, а доби и икона од пратеничката Даниела Колева. Положувањето на светиот крст во езерските води е традиција на Тиквешкото Езеро. (МИА)