Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени остварил работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во земјава, Жељаско Радуков, соопштија денеска од МВР.
На средбата биле потврдени заложбите за одржување и унапредување на односите меѓу двете соседни земји, а особено била потврдена одличната соработка меѓу Министерствата за внатрешни работи, во кои, како што заеднички било констатирано, работат врвни професионалци.
– Со посебен фокус се разговараше и за можностите за дополнително унапредување на веќе воспоставената плодна соработка, како од аспект на билатералните договори така и оперативната меѓусебна соработка на Министерствата за внатрешни работи на двете земји. Притоа, и заменик министерот за внатрешни работи Исени и амбасадорот Радуков изразија безрезервна отвореност за нејзино натамошно продлабочување, се вели во соопштението од МВР.
На состанокот станало збор и за меѓусебната соработка во рамки на меѓународните организации и регионални иницијативи кои се од заеднички интерес и придонесуваат за одржување и зајакнување на регионалната безбедност, стабилност и просперитет.