Македонија

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со претставници на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со претставници на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими Томица Стојановски, претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Васко Марков, член на Извршниот одбор на Сојузот, како и толкувачката на знаковен јазик, Лиза Велковска.

Претставниците на Сојузот на средбата ја информираа претседателката Сиљановска Давкова со нивните тековни активности со кои ги остваруваат правата и потребите на околу 7 илјади луѓе со оштетен слух. Истакнаа дека организацијата во континуитет се залага за подигнување на свеста за постоење на оваа група граѓани и нивно прифаќање во општеството и во социјално-културниот живот. Во насока на полесна едукација и вработување на лицата со оштетен слух, од Сојузот посочија дека организираат и спроведуваат обуки за изучување на знаковниот јазик, како и дека поттикнуваат иницијативи за поголема примена на знаковниот јазик. Во државата, според нив, има 38 сертифицирани толкувачи на знаковен јазик, кои што на луѓето со оштетен слух им ја олеснуваат комуникацијата со институциите.

Искажувајќи поддршка за сите нивни заложби, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека Кабинетот и таа лично безрезервно ќе соработуваат со Националниот сојуз со крајна цел – поголема афирмација и примена на знаковниот јазик, кој на глувите и наглуви лица им е потребен во секојдневната комуникација. На тој начин, потенцираше Сиљановска Давкова, ќе се зголеми социјалната инклузија на оваа ранлива група наши сограѓани.

Најнови вести од Македонија

To top