Македонија

Средба на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадор Килијан Вал

Средба на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадор Килијан Вал

Денеска (08.02.2024 година), министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал.

На средбата министерот Тошковски го запозна амбасадорот Вал за моменталното функционирање на Министерството за внатрешни работи и истакна дека заедничкото раководење на истото е со заедничка цел, а тоа може да носи само добро за граѓаните. Целта на Министерството за внатрешни работи е законито и професионално постапување во насока на организирање и спроведување на фер и демократски изборен процес.

Воедно, министерот Тошковски посочи на спреченоста од страна на Владата да бидат усвоени сите 15 предлог раководни позиции во министерството и наместо тоа од страна на Владата е добиена согласност само за 14 вакви позиции, при што изрази загриженост што техничката Влада на својата прва седница стави дамка на овој процес.

Во продолжение, министерот Тошковски го образложи наследениот проблем со процедурите за вадење на лични документи и ги претстави преземените чекори кои доведуваат до ублажување на оваа состојба, а се со цел граѓаните да можат на еден достоинствен начин да дојдат до својот личен документ.

На средбата, амбасадорот Вал се заблагодари за успешната соработка со Министерството за внатрешни работи и ја потврди подготвеноста на ОБСЕ за нејзино интензивирање, нагласувајќи дека Мисијата на ОБСЕ останува силен партнер и поддржувач на политики кои придонесуваат кон стабилност и безбедност на државата и регионот. Воедно, амбасадорот го потенцираше и значењето на изборните процеси кои следат и изрази очекување дека истите ќе бидат фер и демократски.

Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка со Мисијата на ОБСЕ, потенцирајќи го притоа успешното организирање на Самитот на ОБСЕ во Скопје. Накусо ги претстави преземените законски мерки од страна на МВР од потпишувањето на Преспанскиот договор до изработката на првата патна исправа со новото име на државата, потенцирајќи дека се работи за долга процедура која не зависела само од Министерството за внатрешни работи.

На крајот од средбата, заеднички соговорниците се согласија дека соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ треба да продолжи на највисоко ниво и истата ќе придонесе кон безбедна и стабилна иднина за граѓаните и државата.

Најнови вести од Македонија

To top