Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес оствари средба со Монс. Лучано Суриани, Апостолски Нунциј за Република Северна Македонија со седиште во Софија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од успешниот развој на билатералните односи, засновани врз значајни историски врски, споделени културни вредности и заеднички духовни традиции.
Централно место во разговорите зазеде перспективата на меѓусебните релации и потребата од интензивирање на секторската соработка, пред сè, во сферата на културата, заштитата на културно-историското наследство, образованието и здравството.
Министерот Муцунски ја нагласи улогата на нашата земја во промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи и се заблагодари на поддршката на Ватикан на нашиот пат кон Европската унија, која за нас е од особено значење и ќе продолжи да биде силна инспирација за нашите граѓани и патоказ во градењето просперитетно општество.
Апостолскиот Нунциј изрази уверување дека и во иднина, со заеднички напори ќе продолжи да се поттикнува дијалогот, да се унапредува почитувањето на религиските слободи и да се градат нови мостови на разбирање во духот на универзалните верски традиции.