Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, оствари средба со постојаниот претставник на Организацијата за развој на ОН (УНДП), Армен Григорјан.
Генералната секретарка го информираше Григорјан за приоритетите на Службата на Собранието кои произлегуваат од Стратешкиот план на Собранието, реформската агенда, Стратегијата за дигитализација на Собранието 2026 – 2028, Акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите 2025 -2027. Димовска ја нагласи улогата на двете нови Одделенија за проценка на влијание на регулативата и Одделението за стратешко планирање за навремено подготвување на стратешкиот план на Собранието, како и успешното работење и достигнувањата на службата во изминатиот период.
Григорјан подвлече дека УНДП и Собранието веќе соработуваат во повеќе сфери, особено во однос на следењето на Националната развојна стратегија, но дека секогаш има простор за унапредување и продлабочување на партнерскиот однос. Тој искажа особено почитување за постигнатите резултати на службата до сега и волја да се најдат сфери за поблиска соработка кои се во интерес и на граѓаните и на собраниската служба.
Соговорниците се согласија дека меѓусебната соработка се темели на партнерски однос и отворена комуникација.