Социјалистичката партија на Македонија најостро го осудува хулиганското дивеење и уништувањето на државното знаме.
-Директно ги посочуваме виновниците кои на вандалски начин го сквернавеа македонското знаме.
Тоа претставува чин на непочитување на македонската држава и газење врз достоинството на македонскиот народ кое не се простува.
Подадената рака претставува разум и желба за заедништво, но никако слабост или повлекување.
Ги прозиваме политичките партии на македонските албанци од власта и од опозицијата, како најодговорни за синоќешното нецивилизирано однесување на толпата, да се заложат за смирување на ситуацијата, со што еднаш ќе покажат разум, за разлика од досегашното лицемерие и левантиство. Секој мора да си ја сноси одговорноста.
Ги повикуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и обвинителството за итна и жестока реакција во изнаоѓање и силно санкционирање на виновниците.
Во Македонија мора да се воспостави ред и почитување на законот кој ќе важи подеднакво за сите, велат од СПМ.