Помалку чудно и во извртена улога, бугарската потпретседателка Илијана Јотова, чија земја пред неколку дена повторно и по којзнае кој пат беше прозвана и искарана од Советот на Европа за непочитувањето на правата на Македонците во Бугарија, ни помалку ни повеќе ја прозва Македонија за почитување на европски вредности?!?!
„Би сакалa да ги повикам моите колеги од РС Македонија да ги читаат со поголемо разбирање европските вредности, бидејќи тогаш, кога ќе започнат вистинските преговори за пристапување во ЕУ има едно основно, прво поглавје, а тоа се нарекува ‘Основни права’. Тие основни права минуваат низ целиот преговарачки процес и ако има барем една држава, која смета дека не се почитуваат човековите права, особено тие на претставниците на различни нации и народи, тој процес нема никогаш да заврши“
Како што објави БТА, ова го изјавила потпретседателката Илијана Јотова во Ќустендил, на тркалезната маса под наслов „Бугарите на Балканот надвор од границата по 1878 година/Кодот на преживувањето”. На настанот, кој се одржува под покровителство на бугарската потпретседателка, учествувале и претставници на бугарските заедници од Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Грција, Романија и Турција.
Со грижа исклучиво за човековите и малцински права во странство, но не и за оние во сопствената земја, Јотова практично ја потврди минатонеделната оценка на Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, каде се оценува дека Бугарија нема доволна свест за малцинските права.
„Додека Бугарија игра сè поактивна улога во унапредувањето на правата на бугарските малцинства во странство, истите напори не може да се забележат внатре во земјата. Генерално, постои недоволна свест за малцинските права како составен дел на човековите права. Нема заложба ниту за спроведување на бројни препораки за прашања како што е принципот на слобода на самоопределување, унапредување и заштита на малцинските права и потребата за целосна еднаквост и интеграција во општеството на сите што живеат во Бугарија“, беше наведено меѓу другото во документот.
Во него се вели и дека лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повториле својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција.
„Но, бидејќи властите (бугарските, н.з.) не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни“, се наведува во оценката.