Недела по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 59 млади луѓе, меѓу нив и Андреја Ѓорѓиески – Андреј од групата ДНК, неговата сопруга Наталија јавно ја сподели болката преку трогателен момент со нивната ќеркичка Јана.
На Инстаграм Стори, Наталија објави дел од разговорот со осумгодишната Јана, кој го скрши срцето на јавноста:
„Мамо, сакам да бидам дома, зашто ЈАС ти требам тебе… А и ти ми требаш мене…“
Со тага, таа додаде: „Јана за 7 дена порасна како за 7 години.“
Андреј, кој важеше за голем хуманитарец и човек со огромно срце, загина додека се обидувал да спаси други деца присутни на настапот во дискотеката, покажувајќи јунаштво до последен здив. Зад себе ја остави сопругата Наталија, со која беше во брак речиси 10 години, и нивната ќерка Јана, родена на 29 ноември 2015 година.
Во минатото, во емотивно интервју, Андреј зборуваше за својата ќерка со огромна љубов:
„Јана во мене пополни еден празен дел и веќе во огледало не го гледам Андреја, туку сè повеќе ја гледам неа.“
Објавата на Наталија предизвика лавина од поддршка, солзи и сочувство на социјалните мрежи. Јавноста не престанува да му оддава почит на Андреј, кој со својата последна постапка остана симбол на храброст и љубов кон другите.